Гордана Силјановска Давкова ги повикаа битолчани масовно да излезат и да гласаат на претстојните избори за прв човек на државата. Силјановска Давкова упати и апел до власта да создаде благопријатен амбиент за фер и демократски избори.
– Не сум помислувала дека ќе дојде ден кога ќе прифатам ваков предизвик. Да убедите еден народ дека сте за него, со него секогаш, да работите знаејќи дека таму не сте заради себе, туку за да решите проблем. Ве повикувам да излезете на овие избори бидејќи се многу важни, тие значат НЕ за тоа што го правеа, тие значат НЕ на тоа што беше потврдено како НЕ на референдумот, порача претседателскиот кандидат на опозицијата.
Силјановска Давкова ја искоментира и посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас кој што пред неколку дена беше во Македонија и каде што беше пречекан без интонирање на македонската химна, истакнувајќи дека химната на Македонија е всушност македонската историја и се она што се бореле нашите предци.
-Химната е државата. Државата е химната, химната е македонската историја, химната повикува на македонските правдини и судбина ни било да се бориме за неа, кажа Силјановска Давкова.
Таа ги искоментира и пресудите за настаните од 27-ми април додавајќи дека во Македонија има селективна правда и дека со таква правда не се
стигнува до Европската унија и до НАТО.
-Тие со нивниот закон за амнестија, ги амнестираа оние кои имаа исти обвиненија како луѓето кои останаа во затворот. Не само што ги ослободија од притвор, замислете за да можат да гласаат туку целосно ги ослободија, а потоа и ги наградија. Тоа ли е право и правда. Не, тие така мислат, но јас мислам дека до било која цел па и до ЕУ и до НАТО не се стигнува со кршење на правото, рече таа.
Силјановска Давкова кажа дека доколку биде избрана за претседателка на Република Македонија ќе побара укинување на привилегиите на
претседателот, односно како што рече таа не е добро да се биде привилегиран кога народот се бори за опстанок.
Таа потсети на изјавите на Заев дека доколку Стево Пендаровски ги изгубат претседателските избори ќе распише предвремени парламентарни
избори.
Доколку ги изгубат претседателските избори, се надевам дека ќе собере сила и храброст еднаш за да можеме ние да кажеме дека е овој пат го одржа зборот и реши да се одважи и да распише предвремени парламентарни избори и дека тогаш на претседателската успешна приказна ќе се надоврзе и една нова влада, на нова програма, на научени лекции, на нови европски чекори кои ќе значат почитување на владеењето на правото, борба со корупцијата и криминалот, развој во економијата, објасни Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова уште еднаш потсети дека меѓународните договори во името на државата ги склучува претседателот на републиката, а владата само тогаш кога тоа е утврдено во законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународните договори.
Силјановска Давкова повика на масовна поддршка на претседателските избори ветувајќи дека ќе ја врати правдата во Република Македонија.
Јас сум за правда за правдини, за поинакво владеење , за доброуправување. Јас сум за Европска Македонија, заврши Силјановска Давкова.