Шврговски: Незаконски е Мијалков да биде притворен веднаш само затоа што против него се водат повеќе постапки

Од:

Бранителите на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков на денешната јавна седница на Апелацискиот суд ја образложуваа жалбата за одредениот притвор за Мијалков по донесената пресуда од 3 години казна затвор за случајот „Титаник 2“ кој се однесува на изборни нерегуларности.

Адвокатот Љупчо Шврговски рече незаконски и неосновано е изречена мерка притвор за Мијалков до извршување на затворската казна бидејќи досега не прекршил ниту една мерка која му била изречена од страна на судот.

– Со донесување на мерката притвор за Сашо Мијалков сторени се суштествени повреди. Опасноста од бегство судот ја има образложено со 1 реченица, тоа воопшто и не може да се нарече образложение. Не е дозволиво со такво образложение да се одреди притвор.

Тоа што судот го стори е незаконски и неосновано. Судот за човекови права во Стразбур вели дека мора да се дадат причини дека било која претходно изречена мерка е повредена, па потоа да биде дадена мерка притвор.

Шврговски истакна дека во македонската судска пракса за вакво дело каде казната затвор изнесува од 1 до 5 години не се случило да биде определено мерка притвор со образложение дека против обвинетиот се водат други постапки. Тој додаде дека и пресудата за овој предмет е бесмислена.

Адвокатот Петар Василев во целост се приклучи кон жалбата на другите бранители на Мијалков за изречената мерка притвор по што додаде дека мерката притвор е изречена од страна на неовластен совет, а пресудата е донесена врз основа на обвинение од неовластен тужител и дека истата не е основана.

– Неовластениот тужител кој даде предлог пред неовластен судечки совет не образложи зошто притворот е неопходен. Одбраната не е виновна што неовластениот тужител поднел обвинение 25 дена подоцна од рокот кој му е предвиден во законот. СЈО воспоставил надлежност на 4.12.2015 а обвинителниот предлог го поднел на 29.6.2017. Дали пречекорување на роковите имаат растеглива димензија? Како што јас знам завршувањето на рокот значи смрт за одреден предмет, како што е и сега, рече Василев.

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи уште еднаш пред апелацискиот совет ги образложи барањата за притвор на Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими по што истакна дека при одредување на притворот не е направена суштествена повреда како и дека не се точни наводите на бранителите дека Судечкиот совет и обвинителството се неовластени за случајот.

– Законскиот рок за покренување на обвинение за овој случај „Титаник 2“ е испочитуван. Не се точни наводите на одбраната дека обвинението е покренато 18 месеци по добивање на незаконски прислушуваните материјали и преземање на случајот, рече Фетаи.

Обвинителката како образложение за можно бегство на Сашо Мијалков ги наведе неговите контакти кои ги има создадено со оглед на тоа дека подолго време бил во тајната служба на државата.

Покрај жалбите за притворот на Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими, бранителите пред донесоа жалба и против одредените мерки на претпазливост против останатите осудени во случајот, Влатко Сајковски Сашо Срцев и Анета Стефановска.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи кој за случајот беше осуден на 3 години и 2 месеци затворска казна е единствениот кој не поднесе жалба за изречената мерка на претпазливост.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Апелација ја укина пресудата и го врати на повторно судење предметот против Мухамед Зеќири

Мијалков утрово го напушти струшкиот затвор, бил примерен затвореник

Мијалков излегува порано од затвор, Апелација го врати предметот „Империја“ на повторно судење

A1on

Јанакиески излегува во јуни, за Мијалков ќе одлучува Кривичен

Ослободителна пресуда за Мијалков и Јакимовски за „Трезор“

Анита Петровска Рајковиќ