Штипски Бетон пред стечај, образование не кажува што ќе прави со незавршената зграда на ФИНКИ

Од:

Неизвесно е што ќе се случи со изградбата на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, ФИНКИ, ако судот отвори стечај по барањето на тројца доверители за фирмата изведувач на објектот, „Бетон“ од Штип.

„А1 он“ пред два дена го праша Министерството за образование, ко е нарачател на објектот, што ќе се случи со зградата која со години е во изградба, но одговор до денеска нема. Познавачите на стечајните постапки кои ги консултираше „А1 он“, рекоа дека би требало во овој случај, Министерството да ја активира банкарската гаранција.

Градежната фирма „Бетон“ од Штип, беше ангажирана за изградбата на новиот барокен објект на ФИНКИ, на фасадата на МЕПСО, Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј, Факултет за физичка култура, Музејот на македонската борба, партерното уредување кај МНР и Стариот театар. Најскапиот објект е објектот на ФИНКИ.

Иван Чорбев, деканот на ФИНКИ за „А1 он“ рече дека факултетот нема никаква формална врска со градбата на објектот.

„Со нетрпение ја очекувавме да биде готова и ние минативе години се распрашувавме за прогресот на сите места, тргнувајќи од МОН, па сè до Бетон oд Штип“, вели Чорбев.

„Нам и на нашите над 4000 студенти зграда ни е насушно потребна и неопходна. Последнава година дена фирмата забави и целосно прекина да гради, па се надевам дека со нејзиниот стечај, брзо ќе се изнајде нова фирма која час поскоро ќе го изгради објектот. Рокот очигледно ќе се пролонгира со оглед дека физички не е возможно да се изгради преку ноќ“, кажа Чорбев.

Од компанијата МЕПСО за „А1 он“ потврдија дека поради недовршени градежни работи на фасадата на зградата во предвидениот рок, активирана е банкарската гаранција на изведувачот „Бетон“ од Штип.

Во Основниот суд во Штип беше одложено судското рочиште за отворање стечајна постапка за „Бетон“.

Од судот за „А1 он“ потврдија дека причината за одлагањето бил незавршениот извештај на привремениот стечаен управник Драги Димовски од Струмица кој имал обемна работа за подготовка на овој извештај. Привремениот стечаен управник до 2 јули треба да го направи извештајот.

Со отворањето на извештајот на 2 јули ќе се знае колкав е долгот и побарувањето на оваа компанија.

Судијата одреди времена мерка, односно забрана за располагање на имотот и за негово извршување. Имотот на „Бетон“ не може да се продаде, ниту, пак, да се наплати долг преку извршители.

Компанијата „Бетон“ пред неколку години беше втора по големина градежна компанија во земјава, а на јавноста и е позната како најголем корисник на тендерите за проектот „Скопје 2014“ за што доби над 50 милиони евра. Оваа компанија беше споменувана и во бомбите на СЈО.

Би можело да ве интересира

Отворена стечајна постапка за поранешно Фени: На работниците им должи 2,18 милиони евра за плати

Орце Костов

Истрага за даночно затајување во Битола

Бројот на барања за стечај во ЕУ во вториот квартал зголемен за 2,2 отсто

А1он

Судското рочиште меѓу „Интракат“ и штипски „Бетон“ закажано на 3 декември

А1он

Штедачите со депозити во „Еуростандард банка“ не треба да ги пријавуваат побарувањата, вели стечајниот управник

Жарко Настоски

Народна банка до Трифун Костовски: „Еуростандард“ не исполнуваше минимални законски услови за работа

Жарко Настоски