Поранешниот пратеник Петре Шилегов на денешното рочиште за крвавиот четврток рече дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев кога застанал во одбрана на пратениците од новоизбраното мнозинство вербално му се обратил на едно од лицата со качулки повикувајќи го да престане со нападите.
-Ѓорчев знаеше еден од лицата со качулки, го викна по надимак „Шеска“. Најгаден, жаргонски кажано, беше првиот напад откако влезе разулавената хорда. Не маваа со што стигнат, стативи, мауси, тастатури, метални тркалца. Не нарекуваа со погрдни зборови, не пцуеа. Мене ми викаа „што мислиш сега Шилегов?“, сведочи актуелниот градоначалник на Скопје.
Тој истакна дека обезбедувањето на Спасовски побарал дозвола да го извади пиштолот, по што му била дадена од страна на Спасовски со совет да не пука во луѓе туку во таванот. Шилегов исто така рече дека во целата гужва видел оружје кај 2 маскирани лица.
Пратениците од мнозинството пред да влезе и откако влегла толпата се обиделе да стапат во контакт со некој од МВР и успеале во тоа.
– Џафери стапи во контакт со тогашниот вршител министер во техничката влада, Агим Нухиу, но тој рече дека нема контрола врз полицијата. Знаете ли чесен суде какво е чувството да видите полицајци како гледаат обид за убиство на пратеници, а да не преземат ништо?, запраша Шилегов.
Виктор Јованов