Пред СЈО во 19 часот, вечерва ќе се одржи нов протест на Шарената револуција, против натамошното задолжување на државата.
„5 милијарди евра јавен долг! 650 милиони евра обврзница + 450 милиони евра камата = 1,1 милијарда причини за протест!“, објавија од Шарената револуција на нивниот Фејсбук профил.
Претходно, по објавата на Владата дека издава еврообврзница на 650 милиони евра, активистите на Шарената револуција на Фејсбук имаа уште една објава на темата поврзана со протестот што ќе се одржи вечерва:
„Нема правда кога јавниот долг вртоглаво расте. Секој граѓанин на Македонија веќе должи по 2.200 евра, а режимот сака да го задолжи за уште 330 евра, во очајнички обид да продолжи да владее криминално. Нема да дозволиме! Не прифаќаме државата и граѓаните да тонат во долгови! Не ги признаваме долговите на расипниците!“, порачуваат шарените револуционери.