Шахпаска: Со измените во Правилникот за исхрана придонесуваме за правилен раст и развој на децата во градинките

Од:

Работната група формирана со цел ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките денеска го одржа првиот работен состанок во Клубот на пратеници.

Иницијативата е на Министерството за труд и социјална политика во соработка со компанијата Ново Нордиск и поддршка на УНИЦЕФ. На состанокот, како што информира МТСП, се разговарало за изнаоѓање на најдоброто решение за составот на менито во детските градинки.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на работниот состанок потенцирала дека квалитетната исхрана не е важна само за одржување на доброто здравје, туку е суштинска за правилен физички и ментален развој особено кај децата во првите пет години од животот.

-Предизвиците со исхраната кај најмладата популација како глобално прашање се присутни и во нашата земја. Од една страна е проблемот на неухранетост, кој иако со ниско ниво е присутен и кај нашите деца, а од друга страна се прекумерната тежина и дебелината за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во земјата. Правилната исхрана има клучно влијание не само врз физичкиот развој на децата, туку и врз когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и способноста за учење. Исхраната не е грижа само на поединецот, туку и на целото општество. Затоа, стекнувањето на добри навики на исхрана во градинките придонесува за здравјето на децата, рекла министерката Шахпаска.

Во насока на правилен раст и развој кај децата, министерката посочила дека е потребен мултидисциплинарен пристап, кој ќе обезбеди целосна промена на навиките. За таа цел, се формираше работна група која е составена од членови на Институтот за јавно здравје, Стоматолошкиот факултет, Универзитетската клиника за детски болести, како и од Природно математичкиот факултет од каде и доаѓа експертот за нутриционизам.

Покрај ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките, предвидена е и едукација на децата, родителите и вработените во градинките со цел обезбедување на поголема грижа и превенција на здравјето додека престојуваат во градинките, но и дома, во секојдневни и во услови на пандемија.

Присутните членови на работната група ја поздравиле инцијативата на Министерството и изразиле подготвеност за соработка со цел унапредување на исхраната на децата од најмала возраст.

На денешниот работен состанок бил избран и координатор на работната група за ревидирање на Правилникот за исхрана на децата во градинките, чија функција е да ги сублимира сите пристигнати предлози од членовите и да прибира искуства од други земји. Последната промена Правилникот била направена во 2014 година.

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

Во Скопје речиси 50 отсто од децата се невакцинирани со ди-те-пер

Орце Костов

Здравствениот инспекторат ќе ги контролира вакциналните потврди за градинка, министерот ги прифати препораките

Катерина Ѓуровски

Инспекторатот ќе забрани невакцинирани деца во градинките кога ќе добие одлука од министерот

Орце Костов

Училиштата и градинките ќе плаќаат за 35 отсто поевтино парно, Регулаторот ги намали сметките

Орце Костов

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа