Околу 14 километри треба да биде заобиколницата од кај село Марена до висорамнината Витачево, најавена како капитален проект и стратешка инвестиција. Обиколницата би требало да придонесе кон намалувањето на загадувањето во градот Кавадарци, но и за поголема безбедност во сообраќајот, во кој сега учествуваат голем број возила, од кои многу тешки товарни возила, како и за зачувување на градската инфраструктура.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев појаснува дека со заобиколницата се планираат и четири кружни тека, со можност за влез во градот од четири различни локации. Тој сподели дека според некои податоци што ги имале по метар должен и квадратен, ориентационо во пракса, во оваа инвестиција, само проектот би чинел околу 400 илјади евра, основен, изведбен, ревизиран проект. Цената за обиколница, вели, не би била помалку од 12 до 14 милиони евра. Ќе биде тоа регионален, државен пат. Се бара од државата стопроцентно да изнајде финансиски средства за оваа инвестиција за регионален транзитен пат или регионална артерија. Целосно да биде инвестиција на државата.
Јанчев појаснува дека во Општина Кавадарци имало идеја и била превидена заобиколница, уште во 1989 година.
-Уште тогаш се знаело дека во Кавадарци има тешки индустриски објекти, но и други производствени капацитети, со постојано движење на тешки товарни возила, па е потребен посебен режим на сообраќај, за да не се наруши секојдневниот живот на жителите во центарот на градот, предградијата и да не се уништува инфраструктурата со тие тешки товарни возила во централното градско подрачје, Ваташа, вели градоначалникот.
Во 1990 година бил направен и проект.
-Уште во првиот мандат, пред околу седум години, како локална самоуправа, инициравме и сега успеавме да се направи ажурирање на тој проект, бидејќи како таков беше неупотреблив, бидејќи беше направен пред многу години и многу работи се имаат сменето оттогаш наваму. Се прошириле градот и земјоделските површини, се изградиле други објекти, додава Јанчев.
Тој подвлекува дека интензивно се работи на реализација на овој капитален проект.
– Заедно со Владата и Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, Општина Кавадарци и Градежен институт, формирана е комисија што има за обврска, во рок од шест месеци, а изминати се веќе два месеца, со донесена одлука на Влада, траекторијата за движење на заобиколницата да се определи на соодветна локација и да се даде идејно решение за самата заобиколница. Значи некаде околу април би го имале идејното решение. Штом го имаме идејното решение и помине ревизија како идејно решение, се дава на Градежен институт, затоа што станува збор за стратешки објект, заобиколница од 14 километри. Следуваат Градежниот институт преку негово одобрение, ЈПДП со рамковен тендер за проектирање, појаснува градоначалникот.
Притоа додава дека постапката продолжува со почеток на проектирањето, што немало да трае повеќе од седум месеци, доколку се има добро идејно решение со ревидирани податоци. После тоа се отпочнувало со изведба.
– Многу е битно што овој процес сега е отпочнат, со донесување на одлуки на Влади, по вистинскиот пат како што треба. Јас очекувам дека во наредните година и пол ќе се отпочне со градењето на заобиколницата. Тоа градење не би траело помалку од две до три години. Има и потежок и полесен терен, 14 километри што треба инфраструктурно да се уредат. Не смее да се згреши, вели тој.