Во Скопје преку ноќ никнуваат споменици без да се знае колку чинат, кој ги плаќа и кој е автор на истите, реагираат од СДСМ.
Власта молчи за петте споменици кои анонимното Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради ги донира на градот Скопје. До денес, ниту Никола Груевски како идеолог на Скопје 2014, ниту Коце Трајановски, ниту пак анонимното здружение имаат дадено било каков одговор.
Очигледно власта нешто крие.
Во нормална демократска држава ова ќе беше мега скандал кој води директно до Никола Груевски.
Да биде уште посимптоматично, во четвртокот советниците од опозицијата поставија и советнички прашања на седницата на Советот на Скопје. Одговорот на Коце Трајановски беше дека вредноста е непозната бидејќи се работело за уметнички дела. Веројатно ова е прв случај во историјата на уметноста да не се знае вредност на конкретен и веќе изработен споменик. Нема одговори ниту на прашањата за авторите на овие споменици.
Денес се шпекулира дека поставувањето на спомениците го надгледувала омилената скулпторка на Никола Груевски, Валентина Стефановска. Дали таа е можеби авторот на анонимната донација?
СДСМ веќе поднесе барање за даночна инспекција до Управата за јавни приходи и Уравата за финансиско разузнавање, со цел да се утврди потеклото на парите и дали евентуално се работи за случај на перење на пари. Иако не очекуваме професионална реакција од овие институции, партиски испостави на ВМРО-ДПМНЕ.
Нека повелат и нека не демантираат, се вели во реакцијата.