Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити за новот законско решение за Јавното обвинителство (ЈО) вели дека воопшто не е важно во какви услови е донесен законот, туку што ќе се вради како одредба.
– Се надевам дека ќе имаме помалку контроверзни одредби, кристално чисти, јасни одредби што ќе ја олеснат работата на судството, вели Саити во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Тој зборува и за тоа како „Рекет“ ќе се одрази на судството и на СЈО и за ветингот.
-Генерално сметам дека оваа постапка негативно ќе влијае на рејтингот на судството, на довербата, но од друга страна доколку се спроведе на вистински начин, иако во оваа фаза, искрен сум, морам да признам, оваа постапка се води поприлично јавно и поприлично на некој фолклорен начин да кажам, за тоа што се уште немаме ние конкретни акти по однос на предметот. Доколку е така, сметам дека тоа е постапка што треба да се спроведе на таков начин, но последиците по СЈО се познати, значи негативни се. Ќе се обидат веројатно политичките чинители да најдат решение, рамка, како тоа да се ублажи во однос на целата структура на СЈО, но тука се согласувам и со мислењето на професор Гордан Калајџиев, кој истакна дека судбината на СЈО сепак е врзана со првиот човек, затоа што СЈО е јавниот обвинител, сите други се во функција на вршење на таа дејност, вели Саити.
Во интервјуто посочува ветингот треба да биде процес на самоевалуација на судиите.
-Мојот став неколку пати сум го истакнал и сум апелирал пред судиите на крупни настани, ветингот да биде процес на самоевалуација на судиите, односно ние преку нашите одлуки да потврдиме, да докажеме пред јавноста, дека навистина носиме правилно одлуки и немаме проблем со тие работи. Во ова насока мора да го истакнеме и ставот на Прибе кој вели дека имаме проблем со одредена мала група судии кои треба да се процесуираат и да се види дали навистина имаат негативен пристап во судењето. Вие немате генерален проблем, генерално ги исполнувате условите, имате задоволителни капацитети, затоа сметам дека ветингот, пред да се пристапи кон овој процес, доколку се пристапи, треба навистина да се обмисли од аспект на последиците што би биле после ветинг, дали ние сакаме прочистување на судии или сакаме состојба да нема кој да суди. Тоа се многу симптоматични прашања, затоа сметам дека премиерот Зоран Заев можеби овие аспекти ги опфаќа, вели Саити во интервјуто.