„Бомбата“ со Вилма Русковска не може да го смени судскиот процес за „Организатори на 27 април“ кој е пред скопска Апелација. Самата обвинителка посочува дека снимката на која наводно се слуша нејзиниот глас како вели: „Не го држев, два месеци го заборавив, го заборавив буквално.. го заборавив, намерно“, е извадена од контекст. Инаку, поради оваа снимка која протече во јавност, денеска со саати се одлучува за изземање на Обвинителството и предавање на предметот во Хаг, за да го води обвинител кој застапува предмети пред Меѓународниот кривичен суд.
„Не, апсолутно снимката не може да го смени текот на судскиот процес. Таа снимка излезе во јавност уште некаде крајот на јули или почетокот на август месец. Законот е така поставен што никого не можеш да заборавиш во притвор. Секој 30 дена, мораш или да бараш укинување или продожување на притворот. За тоа одлучува судот“, кажа Русковска.
Таа пред новинарите објасни за какво заборавање се зборува во аудио материјалот.
„Тоа целото е извадено од контекст. Во првите два месеци ги собирав другите докази и се прошируваше истрагата и не беше повикан да даде исказ Владимир Атанасовски. И тоа е уствари тоа наводно заборавање“, додаде Русковска.
Адвокатот на ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски денеска посочи дека снимката е доказ кој ја боде душата на секој правник.
„Тука се доказите каде јавното обвинителство кажува дека намерно Атанасовски е ставен во притвор и заборавен, а тоа кажува на нашите констатации во истрагата и во првостепената постапка дека се работи за политички конструиран предмет“, кажа Јордан Апостолски, адвокат на ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски кој бара укинување на првостепената пресуда за случајот.