Рокот за заемот од пола милијарда евра за новиот клинички центар истекува утре

Од:

Утре истекува рокот кој Министерството за здравство и Министерството за финансии заеднички го дадоа на меѓународните финансиски организации и меѓународни банки за евентуално одобрување заем од 500 милиони евра, пари со кои државата планира изградба на нов клинички центар во Ѓорче Петров. До утре банките и финансиските организации треба да покажат интерес за одобрување на заемот. Рокот почна да тече на почетокот на мај, по владината седница на која беше донесена одлука за изградба на новиот клинички центар во Ѓорче.

„Сè уште немаме информации за можни заинтересирани да ни одобрат кредит и пред истекот на дадениот рок. Постапката ја води Министерството за финансии и очекуваме утре, по истекот на рокот, да бидеме детално информирани. Барања за заем се испратени до повеќе од петнаесет меѓународни банки и финансиски организации“, вели министерот за здравство, Венко Филипче, за „А1он“.

Од Министерството за финансии не одговорија на прашањето дали некоја од банките веќе испратила одговор на нивното барање.

Сумата од половина милијарда евра, колку што изнесува заемот, министерот Филипче смета дека е можно да претрпи измени откако ќе биде разгледана физибилити-студијата за новиот клинички центар. Студијата бесплатно, како техничка помош, ја изработи австриската агенција за здравство АХАЕ. Министерот Филипче вели дека студијата е веќе завршена и се очекува да ја разгледаат во соработка со експерти за да се донесат конечни одлуки.

Новиот клинички центар Владата одлучи да го гради во месноста Веле Поле во општина Ѓорче Петров откако беше утврдено дека е неисплатливо да се гради на сегашната локација поради метежот, а во Бардовци поради тоа што нема доволно државно земјиште па трошоците за обесштетување би биле преголеми.

Планот на Министерството за здравство и Владата е до крајот на годинава да бидат поставени темелите на новиот клинички центар. Тој ќе се гради на површина 102 илјади квадратни метри, на пет нивоа, а ќе има 1.300 болнички легла, 20 операциони сали, четири ангиографски сали и 65 амбуланти.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Филипче за случајот АНБ: Наместо лов на вештерки, темелна истрага и декласификација

Немам добиено никаков документ, вели Мицкоски за предлогот на Филипче:

Горан Наумовски

Преговорите со ЕУ не може да се блокирани кога не се ниту почнати благодарение на СДСМ и на ДУИ, реагира Муцунски

Катерина Ѓуровски

Филипче: Очигледно е дека се конзистентни во тоа да нема преговори со ЕУ, а ние тоа нема да го дозволиме

Катерина Ѓуровски

Муцунски: Филипче од една страна зборува за уставни измени, од друга за откажување од преговорите ако има ново вето

Филипче: Потребен е државнички пристап за евроинтеграциите, Мицкоски одбива секаков предлог