Група родители, чии деца се згрижени во дебарската градинка „Брешија“ повеле иницијатива за поставување камери, односно видеонадзор внатре во просториите на објектот.
Дека постои ваква инцијатива беше обелоденето на последната седница на Советот на општината, но засега не даваат појаснувања за причината за барањето, освен дека „видео надзорот во градинката е потреба на времето“.
Во расправата што се одржа во Советот, советникот од СДСМ, Шкелзен Чанка, кој е родител на деца во оваа градинка, истакна дека дефинитивно треба да се постават камери на местата каде што се реализираат воспитно-образовните активности на децата.
-Повеќе од убеден сум дека сите родители бараат инсталирање видеонадзор. Како родители сакаме да знаеме како се третираат децата воопшто, но и како се одвива воспитно-образовниот процес. Затоа, барам од управата на градинката „Брешија“ да го реализира нашето барање како родители, бидејќи тоа е во интерес и на родителите и на раководството. Ова треба да се случи што е можно поскоро. Мислам дека тоа е поврзано со транспарентноста, рече Чанка.
Додаде дека нема информации како е во другите градинки, но смета дека барањето е многу објективно.
Директорка на градинката Ајрие Дачи вели дека нема ништо против поставување видеонадзор во дневните простории, но за тоа потребна е консултација со надлежните институции, особено со Министерството за труд и социјална политика, за тоа дали има законски опции за ова барање.
-Барањето го имаме в предвид и како такво ќе го пренесеме до централните институции за да добиеме одговор поврзан со законитоста на поставувањето видео надзор во просторите каде што се децата. Се надевам дека многу брзо ќе имаме одговор согласно законските одредби, рече Дачи.
Вели дека во градинката „Брешија“ и дополнителниот објект „Колизија“, каде е сместена и народната кујна, има видеонадзор на главните, но и споредните влезови.
Во дебарската градинка опфатени се 370 дечиња и е една од најдобрите во државава, како во однос на опременоста така и според квалитетот на наставниот кадар и грижата за децата