Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу денеска говореше на првиот форум за консултација на граѓаните за утврдување на развојните приоритети во Скопскиот плански регион.
На почетокот, Фазлиу изрази сочувство на семејствата на загинатите во вчерашната сообраќајна несреќа на патот Скопје-Тетово, а на повредените им посака побрзо закрепнување.
Консултативниот процес е организиран во рамките на проектот “Рамномерен и инклузивен регионален развој”, поддржан од Министерството за локална самоуправа и од Швајцарската aгенција за развој и соработка.
-Со поддршка на швајцарската Влада, преку организирање на повеќе форуми се отвора инклузивен процес на консултација на граѓаните и нивно директно учество во планирањето на развојот на планскиот регион. Во планирањето на развојот треба да бидат вклучени сите чинители, вклучително и оние кои што се најзасегнати, граѓаните и бизнис заедницата. Потребна е хоризонтална и вертикална координација и тесна соработка на двете нивоа на власт, централната и локалната, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
Фазлиу истакна дека рамномерниот развој на државата треба да биде императив во спроведувањето на развојната политика.
-Нашата држава е пример на исклучително големи развојни разлики меѓу Скопје и другите плански региони, а уште повеќе во рамките на една општина, меѓу урбаните и руралните населени места. Оваа Влада, преку конретни мерки, концептот за едно општество го интегрира во сите свои политики. За оваа година за рамномерен регионален развој во буџетот на Министерството за локална самоуправа се издвоени 7 милиони евра, што е за 100 насто повеќе во однос на 2017 година, со тенденција секоја година средствата да се зголемуваат, рече Фазлиу.
Министерот за локална самоуправа истакна дека фактот што Скопскиот е најразвиен плански регион во државата, не значи дека треба и да стагнира.
-Скопскиот плански регион треба да биде првиот кој што ќе аплицира иновативни и модерни решенија во обезбедувањето на услугите за граѓаните. Да биде пионер во социјалните иновации, а неговите добри пракси да ги споделуваат другите плански региони.
Консултативни форуми се организираат во сите осум плански региони. Во секој плански регион финансиски ќе биде подржана реализација на по еден проект кој што во процесот на консултација ќе го изберат граѓаните, за што се обезбедени 850 илјади швајцарски франци. Приоритетниот проект во најразвиениот, Скопскиот плански регион ќе биде финансиран со 60 илјади, а во најмалку развиениот, Североисточниот плански регион, со 145 илјади швајцарски франци.