Идните архитекти преку Прва архибригада порачаа дека ќе ги отстранат срамните фасади од лицето на архитектурата во Скопје. Еве што стои во нивната порака:
„Ние, идните архитекти и градители на Македонија, им ветуваме на граѓаните дека ќе дојде денот кога овие безвредни (а скапо платени) кичести, шупливи, псевдо-историски, срамни и лажни фасади ќе ги отстраниме од вистинското лице на архитектурата на градот!
Ќе ја отсраниме стилската гипсана униформа која ја изработува една фирма, а со која се покриваат вредни дела на десетици македонски архитекти-автори од различни историски периоди! И тоа нема да гонаправиме од позиција на моќ или некаков авторитет, како што тоа го прават сегашниве длабоко исфрустрирани и прости политичари! Отстранувањето на лажните фасади, ќе го посакуваат граѓаните, како што посакуваа да се реконтруира стариот театар! Тоа ќе биде на некој начин фасадна археологија на која сите ќе и се радуваме – повторно откривање на вистинската историја на градот и сите негови културни слоеви – затоа што само вистината е убава и вредна! Порано или подоцна тоа ќе го сфатат сите, или барем повеќето граѓани.“