Денеска беше промовирана книгата на д-р Лилјана Поповска „Мултикултурни поврзувања во граѓанскиот сектор во Република Македонија – влијание врз јавните политики и социјалната кохезија“, во која станува збор за влијанието на граѓанскиот сектор во мултикултурните општества, како заеднички именител за обезбедување интеркултурен дијалог, за намалување на поделеноста во општеството и за зголемување на социјалната кохезија, во функција на стабилна, демократска и просперитетна држава.
„Нема состојба во државава што не може да се реши со добра човечка волја и со граѓански активизам каков што развиваат многу мултикултурни мрежи, меѓу кои и Македонското женско лоби. Но потребна е поголема поддршка за граѓанскиот сектор од страна на институциите, за да се постигнат одржливи влијанија врз јавните политики и социјалната кохезија“, рече авторката Лилјана Поповска денеска во скопскиот хотел „Холидеј ин“ на промоцијата на својата публикација.
Издавач на трудот е Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС, модератор директорот на МЦМС Александар Кржаловски, а промотори пратеничката и долгогодишна активистка во женското движење проф.д-р. Ѓулумсер Касапи и политичкиот аналитичар и долгогодишен граѓански активист Сашо Клековски.
„Тој што одбива да комуницира со другите култури засекогаш е осуден да не порасне и ќе остане во мракот на својата национална и културна празнина. Запознавањето на културите на другите е богатство на духот и богатството на човештвото“, порача Касапи, оценувајќи го трудот на Поповска како вонредно вредна трага во македонското мултикултурно општество.
„Лилјана Поповска со својот „двоен“ идентитет, со својот животен ангажман и во политичките партии и во граѓанските организации, е одличен пример за животна активност која овозможува влез на граѓанските активисти во државните институции и нивно директно влијание врз јавните политики и општествените процеси“, рече промоторот Сашо Клековски.
Публикацијата на Лилјана Поповска го истражува влијанието на мултикултурните поврзувања во граѓанскиот сектор во Република Македонија врз јавните политики и социјалната кохезија како механизам за јакнење на граѓанскиот концепт на државата. Публикацијата содржи истражување на повеќе влијателни мултикултурни граѓански мрежи од различни области, како и студија на случај на Македонското женско лоби, мрежа на организации која ги обедини жените во борба за поголеми права и повеќе жени во политиката, надминувајќи ги политичките, етничките, верските и културните разлики.
Издавањето на публикацијата е овозможено од „Цивика мобилитас“, проект на швајцарската агенција за развој и соработка СДЦ, од МЦМС и Шведскиот институт за јавна администрација.