Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за предметот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.
На вчерашното целодневно рочиште се слушаа прислушувани разговори кои се доказ во постапката. Претходно, беа отфрлени барањата на одбраната „бомбите“ да не се пуштаат во судница и за изземање на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и судечкиот совет. СЈО тоа го оцени како обид на одбраната на обвинетите за одолговлекување на судењето.
Ново рочиште денеска треба да се одржи и за случајот „Тарифа”. Специјалното јавно обвинителство за овој случај сомничи три лица поради постоење основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.
Според обвинението осомничените со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.
Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка е 4.092.420 евра, а причинетата штета изнесува 456.560 евра.
За денеска е закажана и главна расправа за предметот „Тотал“, во кој е осомничен новинарот Драган Павловиќ-Латас за затајување данок. Претходните две рочишта не се одржаа бидеќи не присуствуваше Павловиќ-Латас поради здравствени и семејни причини.
Според обвинението на СЈО, осомничениот давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку правните лица затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично физичкото лице затаило 3.876.471 денар или 63.032 евра.