Модераторот и администраторот на првата „Јавна соба“ која беше активна минатата година се приведени по истрагата која траеше повеќе од една година. Јавното обвинителство извести дека за нив е побаран и притвор, поради опасност од бегство. Тие се сомничат за производство и дистрибуција на детска порнографија.
“Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, информираа од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка досега било неопходно да се издадат 20 наредби и барања до Министерството за внатрешни работи.
„По овие наредби и барања биле доставени известувања и анализи. Поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка согласно Законот за кривична постапка, до овој момент Обвинителството не било во можност да ги сподели овие податоци со јавноста. Во врска со досегашните пријави од оштетени и жртви за определени членови на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, и натаму се прават проверки во предистражна постапка, па доколку се утврди дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности“, додаваат од Обвинителството.
Обвинителството ги охрабрува оштетените и жртвите од овој и слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи. МВР располага со база на податоци со имиња и презимиња на сите граѓани и странци, како и нивните лични податоци што ќе помогне настаните да се документираат и да се обезбедат релевантни докази по службена должност.
Точно една година по обелоденувањето на скандалот „Јавна соба“ – случај каде на социјалната мрежа Телеграм илјадници членови споделуваа експлицитни фотографии од девојки од Македонија, вклучително и на малолетнички, се отвори нова група, со истото име.
По период од неколку недели, таа беше блокирана од „Телеграм“ поради споделување на порнографски материјали. Засега, МВР нема откриено кои се администраторите на новата група.
Аферата „Јавна соба“ ја отвори „А1он“ минатата година, во јануари. Тогаш стапивме во контакт и со креаторот на групата, кој изјавуваше дека немал намера групата да се претвори во размена на порнографски материјали, туку случајот сам излегол од контрола. Тој неколку дена подоцна самиот се пријави во полициска станица. Против него беше поднесена кривична пријава, а тогашниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев изјави дека имаат релевантни сознанија за лицата кои членувале во групата и разменувале фотографии.