Предлог за одземање на Б интегрирана дозвола на погон за горење гуми и пластика во Штип

Од:

По вонреден надзор врз погон за горење гуми и пластика „САНС-АГ“ увоз-извоз ДООЕЛ ШТИП и утврдени пропусти, Државниот инспекторат за животна средина даде предлог до општина Штип за одземање на Б интегрирана дозвола на погонот.

Вонредниот надзор е извршен на 17 декември годинава од Државниот инспекторат за животна средина, по втора преставка на Министерството за одбрана поднесена на 11 декември годинава, за да се утврди влијанието врз лицата што престојуваат во воените објекти: стрелиште Пенуш и полигон Криволак.

– Локацијата на објектот се наоѓа во атарот на градот Штип, во поранешна вoена база на КФОР, на оддалеченост од 8,5 километри од центарот на градот и 2 километри од селото Пенуш. На надзорот беше констатирано дека не се применуваат одредбите утврдени со Б интегрираната дозвола број УП I бр.18/17-136 во ниеден аспект од технолошкиот процес, видот на постројката или начинот на складирање на суровините и готовиот производ, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.

Со дозволата се предвидува отпадна гума и пластика да се горат во затворен процес со пиролиза на 450-550оС, при што доаѓа до хемиско раложување и добивање течна фракција – нафта и цврст остаток, а не се врши емисија во воздухот, поради применет систем за ладење (базен и ладилна кула), а била предвидена и постројка што спаѓа во најдобри достапни техники, со систем за автоматска декомпресија, автоматско празнење на талог и безопасни и незагадувачки продукти.

– При надзорот беше утврдено дека инсталацијата не е целосно изведена, процесот не е затворен, а емисиите од согорувањето на гуми и пластика слободно се испуштаат во атмосферата. При такви процеси вообичаено се испуштаат канцерогени гасови (фурани и диоксини), кои делуваат на повеќе органи и предизвикуваат трајни последици, се вели во соопштението од инспекторатот.

На локацијата, исто така, било видливо дека складирањето на готовиот производ и суровините не се врши на соодветен начин.

– Течното гориво добиено од горење на гумите се чуваше во цистерни на пелети, наместо да се чува на водонепропусна подлога, што истовремено ќе обезбеди доволен волумен за собирање на потенцијално излеана течност. Пепел од согорувањето, што потенцијално содржи токсични материи, беше собран во џамбо вреќи и складиран на земја во локацијата. Управителот на објектот информираше дека локацијата на која се врши складирањето на суровини и отпад е во процес на легализација, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.

Би можело да ве интересира

Едукативна кампања на Центарот за одржлив развој „Алка“ за зачувување на животната средина

Орце Костов

Државата е еден од најголемите загадувачи: Над 700 институции користат греење со кое го трујат воздухот, најголем дел се во училишта и градинки

Орце Костов

Шукова: Граѓаните да користат суво дрво, 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата

Орце Костов

Чебрен пропадна: Грчката компанија не можела да подигне кредит од банка за да гради

Орце Костов

Воздухот енормно загаден, а пратениците одбиваат амандмани за Буџетот со кои ќе се намали аерозагадувањето

Орце Костов

Трошоците за заштита на животната средина лани изнесувале 7 840 633 000 денари