Во населеното место Облешево во општината Чешиново-Облешево денеска беше поставен камен-темелник на нова детска градинка во која ќе бидат опфатени децата од предучилишна возраст од ова и соседните населени места.
– Министерството за труд и социјална политика е фокусирано на проекти кои се насочени за подобрување на животот на населението за што инвестираме во повеќе општини. Новиот Центар за ран детски развој кој деновиве го предадовме во Пробиштип е дел од проектите, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на поставување на камен-темелникот на градинката.
Додаде дека за прифаќање на децата од предучилишна возраст во општина Карбинци во тек е изградбата на градинка, а слична таква се гради и во Оризари, Кочанско. Во населбата Истибање, Виничко, рече министерот Спасов, деновиве ќе ја предадеме новоизградената детска градинка, а во овој дел на државата во Делчево во тек се активностите за изградба на нова детска градинка.
– Во општината Чешиново-Облешево неодамна го предадовме првиот Центар за стари лица, отворивме дисперзирано одделение за вработување, а наскоро ќе отвориме и одделение на Центарот за социјални работи од Кочани, истакна Спасов.
За градоначалникот на општината Чешиново-Облешево Костадин Личков изградбата на новата детска градинка е од особено значење затоа што на простор од 180 метри квадратни ќе бидат опфатени 50 деца. Градинката е целосно финансирана преку проектот на МТСП за изградба на детски градинки во руралните средини.