Попоски и Јолевски: Во Грција нема клима за македонско членство во НАТО

Од:

Министрите за надворешни работи и за одбрана, Никола Попоски и Зоран Јолевски, денеска на средбата со амбасадорите на земјите-сојузници на НАТО порачаа дека Република Македонија е подготвена за членство во најголемата воено-политичка организација на светот и очекува покана на претстојниот Самит во септември во Јужен Велс.

Сепак, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, македонските министри посочиле дека во Грција, како единствена НАТО-земја што од 2008 година го блокира македонското членство во Алијансата, нема клима, ниту подготвеност, да се дозволи членство на Република Македонија.

Во неговата прва официјална посета како нов министер за одбрана, Јолевски, заедно со шефот на дипломатијата Попоски, денеска во рамки на Петнаесеттиот циклус од Акцискиот план за членство, учествуваа на годишен состанок на Република Македонија со Северно-атлантскиот Совет на НАТО на ниво на амбасадори на земјите-членки на Алијансата. Согласно воспоставената пракса, на состанокот беа претставени постигнатите резултати на земјата во реализацијата на севкупните реформи предвидени со Акцискиот план за членство на Република Македонија во НАТО, со посебен акцент на политичко-економските и одбранбено-безбедносните постигнувања.

– Имавме можност да размениме мислење со амбасадорите на земјите-членки на НАТО околу подготвеноста на Македонија и можноста проширувањето да биде на агендата на следниот Самит. Околу подготвеноста постои целосна согласност дека Македонија ги има исполнето сите критериуми, како во политичкиот дел, така и во оние суштински реформи уште од 2008 година. Тоа што недостасува е согласноста уште од една земја-членка на Алијансата. Во тој поглед, постои убедување дека напорите што ги вложува РМ се особено значајни, но не постои убедување дека во Грција постои клима и политичка посветеност да се надмине оној наметнат спор што не држи надвор од вратите на НАТО веќе шест години, изјави министерот Попоски за МИА.

Новиот шеф на македонската одбрана, Јолевски, посочи дека на Северноатлантскиот совет се разговара за повеќе сегменти од општеството и реформите во одбраната се меѓу позначајните и еден од поважните услови, односно најважен услов за влез на една земја во НАТО.

– Сите соговорници, амбасадорите на земјите-сојузници на Алијансата изразија задоволство од нивото на реформите во Армијата на Република Македонија и во Министерството за одбрана, како и од учеството на Македонија во ИСАФ-мисијата во Авганистан. Јас ги информирав за плановите за понатамошна реформа на АРМ во насока да се зајакне таканаречената „мудра безбедност“, каде соработката со НАТО-земјите зема значајно место, истакна Јолевски.

Министерот за надворешни работи додаде дека тој и неговиот колега на чело на одбраната ја изразиле заложбата и опстојувањето на Македонија да стане земја-членка на НАТО што е можно побрзо. Тие ги потврдиле заложбите за дијалог со Грција.

– Сметам дека во моментов е јасно дека следната недела на Министерскиот совет тука во Брисел, кога ќе се одлучува агендата за Самитот на НАТО во Кардиф, дека имаме јасна ситуација. Земја што веќе шест години е целосно подготвена да влезе во НАТО, блокирана од една земја-членка на Алијансата, која во моментов нема политичка клима и подготвеност да се справува со она прашање што ни е наметнато и што е причината за останувањето надвор од НАТО, дециден е Попоски.

Тој посочи дека заедно со министерот Јолевски им потврдиле на амбасадорите во Алијансата дека Македонија опстојува на определбите за продолжување на соработка на политичко и на практично ниво и тоа го потврдува низ гестовите и мерките на дневна основа.

Посетата на двајцата министри на седиштето на НАТО во Брисел беше искористена и за средба со заменик-генералниот секретар на НАТО, Александер Вершбоу, додека министерот за одбрана, Јолевски оствари и билатерална средба со помошник-генералниот секретар на Алијансата за јавна дипломатија, Колинда Грабар-Китаровиќ.

Со овој состанок, кој поради Самитот на НАТО во септември се одржа три месеци порано, беше затворен Петнаесеттиот циклус на имплементацијата на Акциониот план за членство на Република Македонија во НАТО за 2013-2014 година.

Би можело да ве интересира

НАТО соопшти за што разговарале Руте и Трамп

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Мицкоски: Немавме никаква дилема да ја поддржиме Шекеринска, и се јавив уште вчера

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Малодушноста на ВМРО-ДПМНЕ блеска посилно од кога било

Шекеринска е нов заменик генерален секретар на НАТО

Катерина Ѓуровски