Новиот изглед во барок на зградата на министерството за транспорт и врски ќе ги чини граѓаните нешто повеќе од 550.000 евра.
Реконструкцијата на зградата која се наоѓа на плоштадот „Карпошово востание“ или поточно кај споменикот „Филип Втори“ започна уште на крајот на 2011-та со ветување дека проектот ќе заврши за една година.
Министерството за транспорт и врски објави оглас за изработка на фасадата со декоративни елементи или скулптури, релјефи, монитор и останати елементи.
Услугата која ја бараат на тендрер од Министерството ја процениле на 33.898.000 милиони денари или окулу 552.000 илјади евра.
Во тендерската спецификација доставена до Бирото за јавни набавки од Министерството за транспорт не се бара оние кои ќе достават понуди да ја докажат својата економска и финансиска состојба.
Министерството оценило дека понудувачите не се должни да достават спецификација за техничката и професионална способност ниту пак бара стандарди за системи на квалитет и стандарди за управување со животна средина.
Понудите за барокна стилизација на зградата на транспорт и врски треба да се достават најдоцна до 17-ти декември.
Целосната реконструкција на зградата трае веќе три години а досега се потрошени околу 5 милиони евра за објектот целосно да се вклопи во духот на „Скопје 2014“.
Според проектната документација, предвиден е нов главен влез, приземје со влезен хол пријавница, простор за чекање и два лифта за движење на горните катови.
Во новата зграда на министерството ќе се сместат и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот комунален инспекторат и Агенцијата за сигурност во железничкиот систем.