Почнува реконструкцијата на фасадата на зградата на Владата на Република Македонија која треба да се спроведе во период од една година, соопшти денеска владината прес-служба.
– Во интерес на транспарентноста и отчетноста ја известуваме јавноста дека Владата на Република Македонија преку Службата за општи и заеднички работи започна со реконструкција на фасадата на зградата на Владата. Проектот ќе опфати целосна реконструкција на старата и дотраена фасада, и очекувањата се дека во зависност од временските прилики ќе се реализира во наредниот едногодишен период. Ова е прва пообемна реконструкција на фасадата која датира од самата изградба на објектот, се вели во соопштението.
Реализацијата на целиот проект ќе се одвива во три фази – првата ќе биде конструктивниот дел, втората е нанесувањето на фасадата и третиот дел е осветлувањето на објектот. Целокупните градежни активности ќе чинат 9.299.052 евра, со вклучен ДДВ.
– Потсетуваме дека целата постапка за реконструкција на фасадата е транспарентна и достапна на увид на јавноста. Фирмата изведувач е избрана на тендер распишан на 4 јануари 2013 година, а отворен на 22 февруари 2013 година. Во тендерската постапка се пријавија четири фирми, по што следуваше електронска аукција која се одржа на 14 март 2013 година. Одлуката за избор на најповолниот понудувач беше направена на 27 март 2013 година, се наведува во соопштението.
Изградба, како што се посочува, ќе обезбеди повеќекратен бенефит, вклучувајќи го естетскиот момент, заштедата на енергија и дополнително зацврстување на сигурноста на самиот објект.
– Беше оставена можност за идејното решение на самата фасада да одлучуваат граѓаните на Република Македонија, така што постојното решение е израз на нивната волја и желба, се вели во соопштението од владината прес-служба.