Пролетта во земјава и на северната хемисфера почнува денеска во 10 часот и 37 минути. Во исто време на јужната полутопка на Земјата ќе настапи есента.
Првиот пролетен ден е 79-от во годината и ќе трае 12 часа и 05 минути. Сонцето изгреа во 5 часот и 39 минути, а ќе зајде во 17 часот и 44 минути
Пролетта ќе трае 92 дена, до 21 јуни во пет часот и 32 минути, кога календарски започнува летото.
Летното сметање на времето, пак, ќе почне во последниот викенд од месецов ноќта меѓу 27 и 28 март, кога стрелките на часовникот треба да се поместат еден час нанапред.
Се очекуваше од оваа година да биде последно поместување на времето. Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година. Но, Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука, па не е сосема сигурно дека ова ќе биде последното поместување на часовниците во ЕУ.
Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот.