Почна акцијата за проценка на популацијата на кучињата скитници на територијата на град Скопје, активност која Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја спроведува од денеска, во соработка со британското Кралско здружение за заштита на животните од суровост.
Кучињата скитници ќе ги пребројуваат шест волонтери распоредени во три тимови во вкупно 24 реони на Скопје, рано наутро, од 5:30 до 9 часот. Акцијата ќе трае десетина дена.
Со пребројувањето ќе се врши и проценка на телесната кондиција на кучињата, а ќе се евидентира и тоа дали имаат повреди на екстремитетите или на кожата. Ќе се соберат и податоци за полот, за тоа дали се работи за куче скитник или за куче кое има сопственик но кое има пристап до улица и јавна површина, дали е заловено од надлежното прифатилиште и е соодветно видливо обележано што е потврда дека е стерилизирано и вакцинирано.
Последна проценка на популацијата на кучиња скитници на територијата на град Скопје, Агенцијата за храна ја изврши во 2010 година. Спроведено е и истражување на јавното мислење во однос на домашните миленици и кучињата скитници.
По завршување на активностите за спроведување на второто пребројување на бездомните кучиња во Скопје, Агенцијата ќе направи и компаративна анализа во однос на податоците од спроведената проценка во 2010 година. Освен во Скопје, проценка на популацијата кучиња скитници и истражување на јавното мислење, Агенцијата за храна и ветеринарство има спроведено и во Тетово, Гостивар и Неготино.