Од спортскиот аеродром во битолското село Логоварди, денеска почна есенската, седма по ред, кампања за орална вакцинација на лисиците против беснило. Акцијата ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство со финансиска поддршка од Европската Унија.
Дистрибуцијата на вакцинални мамки по Битолско ќе продолжи во Штип, а ќе заврши со авионско фрлање мамки од спортскиот аеродром во Скопје.
Во текот на кампањата предвидено е да се дистрибуираат вкупно 500 илјади вакцинални мамки на целата територија на државата, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови.
Оваа кампања е дел од Програмата за орална вакцинација на лисиците против беснило чија имплементација започна во 2011 година. Програмата се состои од две вакцинални кампањи годишно (пролетна и есенска) кои се спроведуваат во траење од најмалку пет години или најмалку две години по потврдувањето на последниот случај на беснило и во зависност од епидемиолошката состојба со болеста во регионот, односно присуството на болеста во соседните земји и пошироко како и трендот на движење на истата.
Резултатите од досега спроведениот мониторинг ја потврдуваат успешноста на програмата како дел од акцијата за ерадикација на оваа болест, за што говори и фактот дека од март 2012 година кога е регистриран последниот случај на беснило, во Македонија не се регистрирани нови случаи.
Слични програми за орална вакцинација се имплементираат во соседните Србија, Грција, Бугарија, Албанија, како и во земјите од регионот Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.
Бидејќи домашните миленици, кучињата и мачките се едни од најголемите преносители на болеста од дивите животни на човекот, за храна и ветеринарство потенцираат дека вакцинацијата против беснило на домашните миленици е од исклучително голема важност. Затоа, Агенцијата апелира до сопствениците на кучиња и мачки редовно, односно еднаш годишно да ги вакцинираат против беснило.