Почна бербата на трпезното грозје во Тиквешко, a цената за килограм „кардинал“ на градскиот пазар во Кавадарци е 50 до 60 денари.
– Лозарите се задоволни. Сепак, родот е намален како последица од априлското невреме што го зафати овој регион, изјави денеска Љупчо Аризанов од Регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија”.
Освен најзастапената сорта „кардинал”, во Тиквешијата се произведува и десертно грозје од раните сорти „демиркаписка рана“, „белградска рана“, „јулски мускат“, „блек меџик“, „викторија“,…
Според Аризанов, родот на трпезно грозје е околу 20 милиони килограми. – Во моментов тиквешкото грозје се продава на домашните пазари, но со помасовниот откуп кој ќе следи во наредните денови, се очекува огромни количини да бидат извезени надвор од земјава, претежно во Србија, Украина, Русија и Романија, информира Аризанов.