Шефот на државата Стево Пендаровски денеска во претседателслата канцеларијата “Млади Хаб” се сретна со продавачите на единственото улично списание за одржлив развој „Лице в лице“, со дел од нивните координатори, како и со претставници на Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“, којашто е издавач на списанието.
Како што соопштија од кабинетот на претседателот, преку непосреден разговор, продавачите на уличниот печат, на Пендаровски му објаснија дека нивниот ангажман во списанието „Лице в лице“ им помогнал да преземат конкретни чекори за подобрување на својата животна состојба.
Исто така, тие истакнаа дека преку продажба на уличното списание и процесот на работна интеграција, градат вредности коишто за нив биле непознати дотогаш.
Продавачот Хасан Аметовски, кој важи за еден од најискусните продавачи и е регрутиран преку Црвениот Крст на Град Скопје, вели дека секогаш го ценел трудот на луѓето кои работат и заработуваат.
Запознавањето и ширењето на конекциите со многу хумани луѓе преку оваа работа за мене значи и лично подобрување на особините како чесност, искреност и продуктивност. Сето ова се одразува на мојот живот и резултатите кон кои се стремам, вели Хасан.
Меѓу присутните продавачи беше Валентин Ракип, лице без матичен број.
Секогаш кога некој за мене ќе рече дека сум дете фантом, не се чуствувам убаво.
Тоа за мене е исто како да не постојам, рече Валентин на средбата, и додаде дека државата треба подеднакво да се грижи за сите свои граѓани, без разлика во какви околности се родиле и растеле.
На средбата претседателот Пендаровски ја поздрави мисијата на списанието „Лице в лице“, економски и социјално да ги зајакне ранливите групи граѓани во нашето општество, истовремено делувајќи во насока на кревање на јавната свест за важни прашања за развојот на општеството.