Англиска кралица – ваква е реалната функција и моќ на шефот на државата кај нас, но секогаш оваа претседателското столче кај нас било посакувано од политичките партии.
И наместо како во други држави, година дена пред изборите да се знае кој влегува во претседателската трка, за да им се остави на граѓаните да размислуваат преку јавни настапи за кого ќе гласаат, кај нас на месец и половина пред распишување на изборите, се уште никој не открива кој ќе биде нивен кандидат.
Во барабанот се многу имиња, а чии имиња ќе бидат извлечени сепак зависи од партиските врвови и калкулации.
Зоран Заев за ова прашање ќе размислува по изгласување на уставните амандмани.
Не открива, дали и тој по стапките на Бранко Црвенковски ќе замине од премиерската во претседателската вила, иако засега е поголема шансата да остане премиер.
Аналитичарите предупредуваат дека ова би бил погрешен чекор на Заев, и погубен за неговата СДСМ.
По претседателските избори во 2004 година и изборот на Црвенковски за „татко на нацијата“, СДСМ цели 11 години нижеше изборни порази.
Во СДСМ се погласни се најавите дека непартиска личност тешко дека ќе добие поддршка од базата.
Такви решенија се Никола Димитров и Денко Малевски за кого согласност и поддршка даде и Али Ахмети.
За ДУИ, Малевски не е спорно решение, но појавувањето на Заев на промоција на книга на Пендаровски беше протолкувана како поддршка.
Пендаровски во 2014 беше кандидат на СДСМ и според сознанијата на А1он по изборниот инженеринг за избор на Иванов, имало договор Пендаровски да добие втора шанса во 2019 година.
Стево Пендаровски би добил поддршка и од албанскиот политички блок.
Оливер Спасовски според анализите, ги загуби шансите по бегството на Никола Груевски, а лошо во партиските редови и меѓу членството како кандидат за претседател стои и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Во другиот политички табор, продолжуваат со досегашната пракса, да одглумат демократски избор.
Иако победникот ќе биде претходно избран, лидерот Христијан Мицкоски изјави дека најдоцна до 11 јануари партијата ќе го објави огласот за пријавување кандидати за претстојните претседателски избори во Македонија.
Во игра според неофицијалните најави, поранешниот прв финансиер, а сега близок човек на Мицкоски, Трајко Славевски има сериозни шанси да ја трча претседателската трка за ВМРО-ДПМНЕ.
Но, од здруженијата „Бојкотирам“ и „Блокирам“, како и на социјалните мрежи се заговара бојкот на изборите.
Доколку сепак не се послуша нивниот предлог идеален кандидат за нив би била професорката Тања Каракамишева.
Амбиции покажа и Јове Кекеновски.
Тој вели дека очекува поддршката од помалите опозициски партии, но дека идејата тој да биде кандидат на опозицијата ќе им биде понудена и на ВМРО-ДПМНЕ, што со голема веројатност ќе биде одбиено.
Талат Џафери денеска ја расчисти дилемата, за претседател на државата нема да се кандидира бидејќи е претседател на Законодавниот дом и за друго не размислува.
Коалицискиот партнер на СДСМ, ЛДП, не сака да остане само сенка на поголемиот коалициски брат и во период кога Заев се бори за глас повеќе во Парламентот, излегоа со незадоволство од добиениот дел од владиниот колач.
Од таму велат дека би го поддржале само Зоран Заев како кандидат, но доколку тој не се кандидира ќе одат на претседателските избори со Ангелка Пеева Лауренчиќ.
И „македонскиот Обама“, Имер Селмани, не крие дека би размислил да се кандидира за претседател, но само како консензуален кандидат.
Многу шпекулации, а времето притиска.
Она што е засега извесно е дека а кандидатите се уште се шпекулира, засега е сигурно дека шестите претседателски избори во Македонија ќе бидат распишани на почетокот на февруари, а ќе се спроведат во мај 2019 година.