Партиските лидери кои во вторникот беа на средба кај претседателот Стево Пендаровски, денеска напладне повторно кај шефот на државата ќе разговараат за термин кога да се одржат предвремените парламентарни избори. Во октомври лани тие беа закажани за 12 април, но беа одложени со уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ризикот од ширење на коронавирусот. Учество на денешната нова средба во Вила Водно потврдиле сите поканети лидери.
Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, на средбата се поканети лидерите на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива, Африм Гаши, на Движење Беса, Билал Касами и претседателот на ДПА, Мендух Тачи, како и претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски.
Кабинетот на претседателот Пендаровски по средбата на 12 мај соопшти дека е договорено да се побара мислење од Комисијата за заразни болести за мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување изборни процеси во време на пандемијата и дека Државната изборна комисија е потребно да достави мислење за временските рокови потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес. Беше договорено и да се побара мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите.
Според СДСМ, предвремените парламентарни избори кои се веќе распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин.
Неопходни се избори во првиот можен момент, како што препорачуават здравствените власти излегуваме од здравствената криза. Се надевам дека ќе постигнеме договор со опозицијата на лидерската средба. Не верувам дека нема. Секојпат консензуално се одлучувало за датумот за изборите. Ако опозицијата има аргументи, ги стави на маса и се издржани, ќе ги прифатиме и никако нема да стоиме на роковите од 21 или 28 јуни, изјави вчера претседателот на СДСМ Заев.
Според него, нема ултиматум за датумот за избори и во сегашните околности сите треба да бидат разумни за да се вратат во функција институциите, како Парламентот и политичката Влада.
Тој по лидерската средба во вторникот изјави дека закажувањето на изборите е согласно со Уредбата со законска сила на Владата која се однесува на 22 дена од завршување на вонредната состојба. Тогаш соопшти неколку датуми како можни термини во зависност дали и за колку дена ќе биде продолжена вонредната состојба. Потоа Советот за безбедност во петокот донесе одлука за нови 14 дена вонредна состојба што, според Уредбата и како што кажа Заев, би значело избори на 21 јуни.
Претседателот на најголемата опозициска партија Мицкоски, пак, вели дека на лидерската средба очекува разум, трезвеност и свесност за реалната ситуација.
-Очекувам да ги слушнам одговорите на алгоритамот којшто го усвоивме во минатиот состанок, а тоа се одговорите од комисијата за заразни болести, да видиме од седиштето на ОБСЕ и ОДИХР, и што мисли ДИК и на тој начин да го утврдиме првиот можен датум кога би можеле да се случат овие избори, потенцираше Мицкоски.
Тој истакна дека очекува политичките партии да се позиционираат со одредени датуми кога, како што рече, „цениме дека здравјето на граѓаните најмалку ќе биде загрозено или не дај Боже, да имаме еден човечки живот загубено“.
Како што изјави вчера вицепремиерот за европски прашања и функционер во Владата од Демократската унија за интеграција (ДУИ), неговата партија е за одржување избори што побрзо доколку со нив не се загрози здравјето на граѓаните.
– Ние сме за што побрзо организирање на изборите затоа што сметаме дека на државата и требаат институции со целосна можност за одлучување и политички капацитет. Важно е да не се загрози дополнително здравјето на граѓаните и логистичките услови да бидат исполнети, рече Османи, одговарајќи на новинарски прашања при претставувањето на третиот пакет економски мерки во седиштето на ДУИ.
На утрешната лидерска средба за датум за одржување на предвремените парламентарни избори, како што потенцираше Османи, ќе се разговаат сите аспекти и ќе се обидат да бидат најконструктивниот фактор.
Претераното одложување на изборите не е во интерес на никого, ниту на владејачките, ниту на опозициските партии, а најмалку на државата, смета Османи.
Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека нема потреба да се менува владината уредба со законска сила за роковите за одржување на изборите зашто таа се покажала исправна во правниот систем и Уставниот суд оценил дека е заснована на Уставот и на законот.
– Таа уредба ги одложи изборните дејствија, ги замрзна роковите, затоа што во вонредна состојба тие се ставаат вон сила. Тука треба да го имаме предвид уставниот рок од 60 дена за одржување на парламентарните избори од денот на распуштање на Собранието. Ако нешто друго треба да се дополни во овој период, во смисла на рокови во рамките на тие 60 дена, тоа е веќе прашање на дополнување на уредбата. Но, ние имаме уредба и таа нема потреба да биде менувана, истакна Спасовски.