Хелсиншкиот комитет на Република Македонија го набљудува спроведувањето на локалниот референдум во Општина Центар по повод изјаснување на граѓаните за задржување на надворешниот изглед на Градскиот Трговски Центар. Во периодот од 07:00 до 13:30 часот до надворешните набљудувачи на Комитетот ги пријавија следните нерегуларности:
До набљудувачите на Комитетот од изборните места во Дом на градежните работници, ОУ „Коле Неделковски“, ОУ „11 Октомври“, ОУ „Ј.Х. Песталоци“ гласачи се пожалиле дека членовите на избирачките одбори не можеле да ги најдат на избирачкиот список и ги препраќале на други локации иако граѓаните се убедени дека се упатиле на точно изборно место. Согласно наводите тие сметаат дека на тој начин се прави обид за демотивирање на гласачите со цел да се откажат од гласањето.
На изборното место 2865, Пионерски Дом Карпош забележани беа две лица во цивилна облека кои влегувале во изборното место, а потоа седеле во дворното место. По реакција на акредитираните набљудувачи и набљудувачите на Комитетот констирано е дека се работи за полициски службеници во цивилна облека. Иако пол. службеници одбија да се легитимираат, сепак ги облекоа задолжителните флуоросцентни елеци. Пол. службеници во цивилна облека без елеци се забележани и во ОУ „Коле Неделковски“.
Во ОУ „11 Октомври“ избирачко место 2843 и 2843/1 член на избирачкиот одбор по грешка откинал 4 избирачки ливчиња со се делот кој треба да остане на кочанот. Направен е записник и ливчињата ќе се сметаат за важечки.
На изборно место во ОУ„Коле Неделковски“ член на изборната комисија забележал 5 лица со лични карти и адреса на живеење на ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр.52. Членот на изборната комисија потврди дека во близина на оваа адреса и дека е сигурен дека се работи за станбен објект во рана фаза на изградба со што се отвора сомнение за можни фалсификувани лични карти. По упатување на локацијата, набљудувачите потврдија дека објектот е во рана фаза на градба. Членот на изборната комисија посочи дека ќе побара од Претседателот да биде направен записник.
Комитетот констатира дека воглавно гласањето се одвива непречено и во демократска атмосфера со помал број на пријавени наводи за нерегуларности.
Ги потсетуваме граѓаните дека во текот на целиот изборен ден или од 07 до 19 часот, можат да пријават наводи за нерегуларности и попречување на гласачкото право до набљудувачите на Комитетот кои се на терен или на следниот начин:
– Пријавување на повреда на гласачкото право преку отворените телефонски линии на броевите: (0)2 3119 073 и 078 252 812
– Да поднесат пријава во просториите на Комитетот кој се наоѓа на ул. Наум Наумовски Борче, бр. 83, Скопје. Линк до мапа: http://mhc.org.mk/pages/contact.
Покрај личното и телефонското пријавување овозможена е и пријава преку е-пошта на [email protected]. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право. Граѓаните можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно. Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност. Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Комитетот и истите нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните кои ја пријавиле повредата.