Осумдесет отсто од адвокатите обезбедиле бесплатна правна помош, најавено зголемување на буџетот за ваква помош

Од:

Четири петини, односно 80 проценти од адвокатите во Македонија кои биле интервјуирани во 2017 година обезбедуваат Про боно или бесплатна правна помош за најсиромашните граѓани.

Ова го посочуваат резултатите од истражувањето на Македонското здружение на млади правници презентирано на денешната конференција „Про боно правната помош и алтернативните начини за решавање на спорови како средства за олеснување на пристапот до правда за сиромашните и обесправени граѓани“.

Гоце Коцевски од Здружението истакна дека минатата година го спровеле истражувањето со цел да се утврди дали се обезбедува ваков вид правна помош во РМ, колку се обезбедува, односно, колкав процент од адвокатите ја обезбедуваат и ако се обезбедува колку работни часови адвокатите трошат на тој вид правна помош. Според него, тоа е особено важно ако се земе предвид дека станува збор за глобален тренд, особено во САД и Западна Европа каде, вели, претставува вообичаен дел од професионалната работа на адвокатите. Според него бројката од 80 осто од адвокатите кои пружиле про боно услуга е сосема задоволителна бројка.

-Во однос на работните часови кои ги имаат искористено за про боно, во просек се движат од шест до 10 часови годишно, а видот на правната помош е најчесто за областа развод, брачни односи, семејно насилство и социјална заштита, што е за пофалба бидејќи токму на овие категории лица им е навистина потребна помош, вели Коцевски.

Тој појаснува дека про боно правната помош е поврзана со функционалноста на државно финансирана бесплатна правна помош и колку е оваа државнатата функционална и ефикасна во толкав степен ќе биде поголема и подготвеноста на адвокатите да обезбедуваат правна помош. -Се зависи од тоа колку државата е спремна за оние работи за кои е должна да ја плати таа бесплатна правна помош во одбрана за сиромашни, и задолжителна одбрана, во таа ситуација ќе се зголеми и интересот и желбата на адвокатите да ја даваат, вели претсвникот од Здружението на млади правници.

Министерката за правда Рената Дескоска во обраќањето на конференцијата посочи дека бесплатната правна помош е доказ за препознаената професионална и морална облигација на секој адвокат, не само за неговите клиенти, туку и кон општата јавност. Наскоро, додаде, ќе има измени и дополнувања на Законот за бесплатна правна помош кој е донесен во 2009 година, поради обезбедување поширок пристап до бесплатната правна помош.

-Во постојниот закон забележавме три основни проблеми: недоволна достапност за најранливите категории, вклучувајќи ги и децата во ризик; енормно високи тошоци исплатени на само 39 од вкупно 329 регистрирани адвокати кои дават правна помош. Постојниот систем, освен од адвокати се состои од помалку од 30 подрачно стационирани правници на Министерството за правда и правници поддржани од седум граѓански организации кои низ целата земја ја мобилизираат заедницата и се вклучени во процесот на посредување, обезбедувајќи бесплатна правна помош, рече Дескоска.

Бројката на поднесени барања за БПП, пак, посочи, останува релативно ниска.

-Процентот на одобрени барања за БПП е под 50 отсто од поднесените барања. Буџетот на РМ за бесплатна правна помош веќе со години наназад изнесува 3.000.000 денари (50.000 евра), што претставува еден од најскромните буџети во Европа, но затоа просечните трошоците за правна помош по предмет во РМ се највисоки во Европа. Со задоволство можам да најавам дека за идната година планирано е зголемување на буџетот за бесплатна правна помош, како и поширок пристап до овој инструмент. Со средствата кои ќе се обезбедат од буџетот, со цел спроведување на новиот законот за бесплатна правна помош, ќе се овозможи на многу поголем број граѓани корисници на бесплатна правна помош, а кои потекнуваат од социјално ранлива категорија, да ги остварат своите права пред судските органи, притоа нивната материјална положба да не биде загрозена. Главна цел на законот е давање на можност на што поголем број граѓани пристап до правда и квалитетно правично и фер судење, рече Дескоска.

На дводневната конференција што започна денеска во Скопје во организација на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во рамки на проектот „Унапредување на услугите на про боно правна помош во Република Македонија” ќе се промовираат Извештајот за можностите и перспективите на про боно правната помош во Република Македонија и Анализата за применливоста на механизмите за алтернативно решавање на спорови во обезбедување на пристап до правда за ранливи категории во Република Македонија, а ќе вклучи и панел дискусија со адвокати, медијатори и претставници на релевантни институции.

Би можело да ве интересира

Претседателот може да помилува само осудени, не и кривично гонети: Предлог законот за помилување во Собрание

Орце Костов

Лога: Очекувам брза екстрадиција, списите денеска ќе ги пратиме по електронска пошта и преку амбасадата

Александар Тодески

Обвинителството реагира до Лога: Дел од забелешките за Извештајот се неточни, Јовески е спремен да одговори согласно закон

Александар Тодески

Министерство за правда: Законот за амнестија нема да се носи со европско знаменце

Горан Наумовски

Министерството за правда ќе врши надзор над системот за електронска распределба на предметите во јавните обвинителства

Нова амнестија: На слобода сите осудени на затвор до шест месеци, ВМРО ќе го блокира Законот

Орце Костов