Османи: Не гледам со кои аргументи би се блокирале преговорите во јуни

Од:

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска во Брисел изјави дека не гледа аргументи со кои земјите членки би можеле на јунскиот Совет да го блокираат или одложат датумот за преговори со Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Османи беше поканет да говори во Европскиот центар за политики (ЕПЦ) за напредокот на Македонија кон ЕУ. Тој, утрово се сретна со претставници на земјите членки, со еврокомесарот Јоханес Хан и со шефицата на дипломатијата Федерика Могерини.

Одговарајќи на новинарско прашање, Османи рече дека „ќе биде тешко да се изнајдат аргументи да се блокира земјата откако го постигна историскиот договор со Грција и испорача сѐ што се бараше од неа“ во контекст на реформскиот процес и трите услови поставени лани на Советот за општи работи за старт на преговорите оваа година.

Според Османи, доколку одлуката во јуни биде негативна, последиците би биле „катастрофални“ како на внатрешен план, така и во рамки на регионот. Османи смета дека неиспорачувањето на преговори во услови на исполнети реформи и болни компромиси со соседите ќе го поткопа кредибилитетот на европските институции во очите на македонските граѓани, но и ќе опадне ентузијазмот за реформите кај сите.

– Со години им велиме на граѓаните дека името е прашањето поради кое се блокира. Доколку нема преговори, ќе има обесхрабрување за реформите, истакна Османи.

Последиците би биле значајни и за соседството, оцени тој. – Зошто било која земја би прифатила да влезе во тешки компромиси, ако на крајот е оставена сама на себе?, праша Османи, алудирајќи на спорот меѓу Косово и Србија, за кој Европската Унија има надеж дека ќе добие нов поттик откако заврши Преспанскиот процес.

Вицепремиерот потсети дека Македонија го поддржува отворањето на преговори со Албанија во исто време и дека двете земји треба да одат напред, но оти треба да се почитува принципот на индивидуални заслуги.

– Би било катастрофално ако Северна Македонија биде одбиена после сите компромиси кои ги направи, ниедна земја не смее да биде колатерална штета, рече Османи.

Вицепремиерот исто така потсети дека имплементацијата на Преспанскиот договор на домашен план е поврзана со отворањето на преговарачките поглавја, што, според него, е уште една причина што побргу да се отворат преговорите со Македонија.

 

Би можело да ве интересира

Зеленски: Ќе се откажеме од членството во НАТО ако добиеме силни безбедносни гаранции

Орбан: САД сакаат мир, Европа сака војна

Зајкова: Македонија припаѓа во ЕУ, а Европа мора да покаже политичка храброст

Горан Наумовски

Левица: Дали партиски инсталации во ДБКИ се шверцуваат во Мисијата на НАТО во Брисел спротивно на закон?

Горан Наумовски

„Политико“: Вашингтон менува курс, Европа на маргините на глобалните стратегии

„Њујорк тајмс“: Украина го отфрла предлогот на Трамп за Донбас и членството во НАТО