Општина Дебарца против изградба на регионална депонија за отпад на нејзина територија

Од:

За локалната самоуправа на општина Дебарца е неприфатливо регионалната депонија за Југозападниот плански регион да се гради кај селото Годивје.

Градоначалникот на Дебарца Игор Трајковски, кој претходно беше и државен инспектор за животна средина, денеска на прес-конференција изрази несогласување со идејата за изградба на објектот на територија на Дебрца.

Меѓу повеќето причини за ваквиот став, Трајковски го посочи фактот дека општина Дебрца е главно и најголемо сливно подрачје на Охридското Езеро, што е под заштита на УНЕСКО и споменик на природата, а истовремено е еколошки чиста средина без тешка индустрија.

– Општина Дебарца е најмал создавач на отпад и недозволиво е ниту од економски, ниту од еколошки аспект да биде место за изградба на централна депонија. Согласно позитивните законски регулативи, досега немаме дадено било какво позитивно мислење, ниту пак Советот на Општина Дебрца има донесено одлука за изградба на ваква депонија, за што согласно Законот за управување со отпад за основање на регионална депонија одлука носи Советот на општината. Како градоначалник согласно моите ингеренции ќе направам се што е во моја надлежност, да не се изгради оваа депонија, а поради очигледниот револт населението е подготвено да преземе порадикални мерки согласно законите, како што се блокирање на патишта и протести, потенцира Трајковски.

Тој ги повика надлежните во Министерството за животна средина и просторно планирање да го стопираат започнатиот проект за изградба на регионална депонија во општина Дебрца.

На прес-конференцијата присуствуваа и претседавачот и дел од членовите на Советот и жители на Дебрца кои исто така се изјаснија дека се против изградба на депонијата.

– Во еколошки чиста средина некој сака да направи депонија, тоа нема да може. Ние, жителите на Дебрца сме категорично против. Изворите на Сатеска се во ова подрачје. Не може да биде оправдување што кажуваат стручните лица дека земјиштето било непорозно и дека соодветно ќе се заштити. Охридското Езеро е под заштита на УНЕСКО и не смее да се гради во сливот на езерото. Ние тоа нема да го дозволиме. Со ова како да сакаме и последниот жител да го избркаме од Дебрца, рече Крсте Блажески, претседател на Месната заедница на село Врбјани, соседно село на Годивје.

Жителите на Дебрца најавија дека ќе излезат на протести и ќе се спротистават на најавите за изградба на регионалната депонија во атарот на селото Годивје.

На вчера одржаната јавна расправа во Охрид во врска со проектот за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион беше истакната важноста од реализирање на проектот со што ќе се добие современ центар за третман на цврст отпад кој би значел затворање на стотина диви депонии што ја загадуваат околината.

Ана Каранфиловска Мазнова од Секторот за управување со отпад при МЖСПП, истакна дека предвидено е инсталацијата да биде изградена според највисоките еколошки стандарди, со линија за селекција на отпадот кој ќе биде третиран и од него ќе се произведува био гас, а само мал дел ќе биде депониран.

Христос Компанидис, кој е тим-лидер на проектот, нагласи дека се работи за инсталација што ќе го реши проблемот со цврстиот отпад на сите општини од тој дел на државата, притоа посочувајќи дека третманот на отпадот е и добра можност за економска добивка.

Од 12-те локации каде би се градела депонијата со средства од ИПА фондовите на ЕУ, како најсоодветна беше посочена онаа кај селото Годивје.

Би можело да ве интересира

Жена од охридско се загубила синоќа берејќи печурки, пронајдена е утрово

Катерина Ѓуровски

Фатен жител на Мешеишта кој за време на полициски час палел коли на шумски полицајци

Жарко Настоски

Градоначалникот на Дебрца наместо да ги почитува, се исмева со препораките за заштита од коронавирусот

Градоначалникот на Дебрца се гушка и слика со граѓани, наместо да ги почитува мерките за заштита од коронавирусот

Кристијан Ландов

Авионите вклучени во гаснењето на пожарот во Дебрца

А1он

Филипче од Дебарца: Со Пендаровски заедно одиме напред, да изградиме европска и сигурна иднина за нашите деца

Татјана Ташкова