Обединетата македонска дијаспора во соопштение ги отфрли оценките на грчкиот премиер Андонис Самарас, Грција, а не Македонија, е конструктивната страна во спорот за името.
– Иако ОМД мисли дека Македонија не би требало да преговара за своето име, Македонија сепак е повеќе од конструктивна во преговорите со Грција пред Обединетите нации. Вистинските ставови на Самарас ги видовме во 2008 година, на грчката телевизија, каде рече дека Македонија на крајот ќе биде поделена меѓу голема Албанија и голема Бугарија, и поради тоа Грција не мора да работи да го разреши спорот за името што и го наметна на Македонија. Не е конструктивно дополнително да се додава на огнот, со вмешување на Албанија и Бугарија во грчката агенда да и се наметне ново име на Македонија, изјави претседателот на ОМД Мето Колоски.
ОМД во соопштението, по изјавата на Самарас кој е во посета на САД, го повикува да престане со обвинувањата и со потпалувањето на домашната јавност, соочена со длабоката економска и политичка криза, со спорот за името, и да работи на решавање на спорот.
– Укажуваме на забелешката на високиот надворешно-политички претставник на Европската Унија, Кетрин Ештон неделава во Вашингтон дека балканските лидери треба да се грижат за иднината на регионот. Имајќи ја предвид потребата од стабилност во регионот и од продолжување на процесите за проширување на НАТО и Европската Унија, грчкиот премиер треба да се сретне со македонскиот премиер, нешто што Македонија го бара веќе подолго време, со цел да се разрешатразликите. ОМД ја повикува американската администрација да ги игнорира коментарите на грчкиот премиер и да постави услови Македонија да биде поканета да се зачлени во НАТО на самитот во Британија во 2014 година, вели Колоски.
Самарас вчера попладне во Вашингтон се сретна со потпретседателот Џо Бајден, со кого немаше средба при неговата августовска посета на САД. Според кусото соопштение на потпретседателот Бајден, освен економската криза во Грција, главна тема на средбата била состојбата на Кипар, каде Бајден ја поздравил иницијативата на Грција и на Турција да се сретнат со преговарачите на двете страни од поделениот остров.
Во меѓувреме, поради економската блокада на Владата на САД, веројатно е дека една од причините поради кои Самарас дојде во Вашингтон – големата изложба на византиска уметност во Националната галерија – ќе биде откажана.
Самарас утре во Њујорк треба да се сртне со американски бизнисмени со грчко потекло на собир на кој е предвидено да
присуствува и поранешниот претседател на САД Џорџ Стефанопулос.