Охридскиот инспектор го излажал Обвинителството дека објектот на Усеини е привремено поставен

Од:

Единствениот градежен инспектор во Општина Охрид, Слободан Дамјановски, го излажал Обвинителството дека објектот кај Чинарот што го гради советникот Нефи Усеини од ДУИ е од привремен карактер, односно дека не станува збор за бетонска градба, дознава „А1 он“. Поради оваа причина, охридското Обвинителството го затворило случајот против Усеини. Но, по одреден временски период, кога бил направен увид, било утврдено дека градбата нема привремен карактер по што случајот е повторно отворен. Настанот го потврдија и од Обвинителството додавајќи дека се прибираат материјални и вербални докази против Усеини.

„Предметот беше отворен во март годинава по допрен глас. Веднаш по почнувањето со градежните работи, беа побарани податоци и документација во насока за утврдување на фактите. Од надлежниот инспекторат беше доставена информацијата дека објектот што се гради е од привремен карактер и дека за вакви објекти не е потребно одобрение за градба, туку дозвола од Општината. Од тука, поради тоа што обвинителот не утврди елементи за сторено кривично дело, со резолуција е затворен предметот. Но, по утврдување на фактичката состојба, односно дека градбата нема привремен карактер, Обвинителството продолжи до преземање дејства за да се соберат материјални и вербални докази“, велат од Обвинителството за „А1 он“.

Обвинителството вели дека инспекторот има изјавено оти Општина Охрид издала дозвола за привремен објект на локацијата кај Чинарот, односно за урбана опрема, што исто така е лажна информација. Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, десетина дена по почетокот на градежните активности кај Чинарот, изјави дека Охрид нема издадено одобрение за поставување урбана опрема на локацијата.

„Програмата за урбана опрема се носи на годишно ниво. За таму, колку што сум информиран, нема доставено проект и нема ново одобрение за оваа година. Од секторот за урбанизам при Општината ме информираа дека нема одобрение ниту за градежни активности“, рече градоначалникот Георгиевски во март годинава.

Објектот кај Чинарот, чија намена е да биде пицерија, беше изѕидан од бетон, што претставува тврда градба. Втората недела од март „А1 он“ објави дека на плоштадот Чинар се ѕида и копа со багер.

Ѕидањето на столбови кај Чинарот, фотографирано на 18 март
Ѕидањето на столбови кај Чинарот, фотографирано на 18 март

„А1 он“ се обиде да стапи во контакт со градежниот инспектор Дамјановски, но тој не одговори на нашите повици.

Премиерот Зоран Заев на прес-конференција му порача на советникот Усеини сам да си ја урне градбата, а доколку тој не го послуша, премиерот најави дека ќе се одземат ингеренциите од Општина Охрид, а дивоградбата ќе ја урне државата.

Би можело да ве интересира

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Мониторинг-мисијата на УНЕСКО на проценка во Охрид

Кражбата во средното училиште во Охрид ја извршила ученичка

Стоилковски: Непотизам во Охрид, роднината на Зечевиќ главен кадровик на СДС во општината

Катерина Ѓуровски

Ученици од прва до четврта година принудени да плаќаат за наметки и капи за матурантите

Орце Костов

Левица: Јавните претпријатија повторно во загуба иако ги покачија цените врз грбот на охриѓани