Одбележување на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Од:

Наместо традиционално, со богата програма и настани, и оваа година поинаку ќе биде одбележан 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје традиционално секоја година со повеќе свечености ги одбележува 24 Мај – Денот на светите Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот и годишнината од своето основање. И оваа година, УКИМ ќе го одбележи својот патронен празник без традиционалните чествувања.

-Дел од чествувањата, наградувањето на најдобрите студенти, промовирањето на почесни звања и титули ќе се одржат, се надеваме во подобри времиња кои ќе се создадат по масовната имунизација на вработените на УКИМ и на населението во земјава, информираат од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Чинот на положување цвеќе ќе се одржи пред споменикот на светите Кирил и Методиј, кој се наоѓа на платото на универзитетскиот кампус за општествени науки. Притоа ќе се почитуваат протоколите и мерките за заштита од КОВИД-19.

Цвеќе ќе положат делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски и пратениците Дарко Каевски и Велика Серафимовска-Стојкова, делегација на УКИМ, која ќе ја предводи ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, како и делегација на Универзитетското студентско собрание на УКИМ предводена од претседателот Ева Цветковска. Цвеќе ќе положат и високи делегации на државниот врв, дипломатскиот кор и на други општествено-политички организации во државава.

Поради состојбата со КОВИД-19, претседателот Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега Румен Радев заеднички ќе им оддадат почит на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј во Рим. Нивната посета е планирана за 26 и 27 мај годинава.

Во Рим и Ватикан денеска ќе присуствува делегација од МПЦ-ОА предводена од владиката Пимен.

Во чест на Св. Кирил и Методиј, Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ со поддршка на Општина Струмица вечер во Градскиот парк во Струмица го организира 14-то издание на „Роднокрајни поетски средби“.

На поетската манифестација ќе учествуваат поетите Никола Маџиров, Вања Изова Велева, Сузана Мицева, Ице Беличев, Мариета Дукиќ, Македонка Маџирова, Митко Гогов и Катерина Панов Кожаров, а воведната реч ќе ја има Ацо Гогов.

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај. На почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Кирил на 27/14 февруари и на св. Методиј на 19/6 април. Но, подоцна се јавила потреба за нивен заеднички празник, затоа што тие се родени браќа и затоа што заедно извршувале иста дејност.

Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.

Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани преку Дунав, на југ. Светите Климент и Наум делото на своите учители го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.

Би можело да ве интересира

Пендаровски и Радев заеднички ги чествуваа Св. Кирил и Методиј во Рим

Жарко Настоски

Џамбаски нервозен кај Русите на Твитер: Македонците ги создаде Москва, а Кирил и Методиј се Бугари

Жарко Настоски

Македонска црковно-државна делегација се поклони на гробот на свети Кирил

Катерина Павлова-Николовска

Пендаровски: Заедничкото одење и чествување на Св. Кирил и Методиј со Радев е добар симболичен гест од двете страни

Жарко Настоски

Пендаровски и Радев со бугарски авион ќе патуваат за Рим на заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј

Катерина Павлова-Николовска

Македонија, Словачка и Чешка заеднички ќе чествуваат „По трагите на светите Кирил и Методиј“