Македонија од утре ќе потпадне под влијание на циклонска активност што ќе предизвика поројни врнежи од дожд на одредени места, а на планините ќе паѓа снег, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Утре во ноќните часови ќе дува умерен северен ветер и врнежите од дожд ќе поминуваат во снег и на пониските места. Утринската температура ќе се движи од еден до шест, а дневната од пет до 11 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно и дождливо. И во скопското подрачје врнежите од дожд во текот на ноќта ќе преминуваат во снег. Утринската температура ќе се спушти до три, а дневната ќе се искачи до осум степени.
До понеделник ќе се задржи променливо облачно и студено време, со повремени врнежи претежно од снег. Повремено врнежите ќе имаат и пообилен карактер, особено во четврток спрема петок, кога ќе се формира снежна покривка. Поради ниските температури ќе има појава и на голомразица.