Судењата за четирите предмети на СЈО кои се вратија од почеток поради престанување на мандатот на судија-поротник, почнуваат од крајот на август и почеток на септември. Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, назначил нов поротник, а судечкиот совет закажал и рочишта.
Првото рочиште со новиот поротник е за предметот „Топлик“, каде обвинет е Миле Јанакиески. Судењето е закажано за 23 август. Според обвинението на СЈО, тој како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
На 24 август, одново ќе започне судењето за предметот „Титаник“ за изборни измани, а каде обвинети се Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Едмонд Темелко, Кирил Божиновски, двајца од Агенцијата за разузнавање: Киро Тодоровски и Мунир Пепиќ, како и уште 11 други обвинети, вработени и членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Рочиште за „Талир“, предмет за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ е закажано за трети септември. За овој случај обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото перење пари. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице, политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Три дена подоцна, ричиште со отпочнување од почеток на судскиот процес ќе се одржи за предметот „Тендери“, каде обвинета е Елизабета Канческа-Милевска. Овој предмет беше во завршна фаза пред пресуда, односно се даваа завршни зборови. Таа заедно со други лица е обвинета за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.