Денеска започна судењето за случајот наречен „Тарифа“, во кој обвинети се Дејан Бошковски, поранешен генерален директор на АД ЕЛЕМ, кој моментално е член на Регулаторната комисија за енергетика и Методи Стојменовски и Ненад Ѓорѓевски.
Во случајот станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу 4 милиони евра.
На рочиштето на кое обвинителот Трајче Пеливанов од СЈО рече дека ќе докажат оти тројцата обвинети ја злоупотребиле службената положба и овластување, тие се изјаснија како невини.
„Во ниту еден момент не сум направил штета. Збунет сум од СЈО и од обвинението. Доведена е и јавноста во судот и е создадена погрешна слика“, изјави поранешниот директор на АД ЕЛЕМ, Бошковски.
И другите двајца обвинети се изјаснија дека не се виновни.
„Во обвинението се испомешани поими и тоа ќе го докажеме во текот на постапката“, рече второобвинетиот Стојменовски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП Систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.
Бошковски е инаку сопруг на Билјана Бришкоска Бошковска, поранешна заменичка на министерот за правда. Кривичниот суд во овој предмет ги прифати и бомбите како докази во постапката. Предметот ќе го суди судијката Верка Петковска, која го судеше случајот за настаните од кумановско „Диво Насеље“.
Васко Маглешов