Обвинетиот во „Монструм“, Хаки Азири на денешното рочиште рече дека никогаш не кажал дека бил под тортура од ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски познат како Радникот, но дека тој му дал да потпише подготвена изјава со која ќе признае дека извршил убиство и дека треба истото да го каже пред судот.
Азири во мај 2018 година во судница раскажа дека бил брутално апсен, тепан, плашен и носен во МВР, со цел, како што рече, да признае дека помагал во тероризам.
Тој една година по изјавата за прв пат се сретна со Тодоровски во судницата, а на прашање од обвинителката Фатиме Фетаи одговори дека станува збор за човекот кој ланската година му бил покажан на фотографија од нејзина страна.
„Тој е човекот од сликата, но не сум кажал дека ме малтретирал“, рече Азири во судницата.
По рочиштето, пак, Азири за медиумите изјави дека останува на истата изјава за настанот која ја кажал минатата година, кога посочи дека го однеле кај Радникот, кој пак, го терал да потпише подготвена изјава за убиство и истото да го каже пред судот.
„Јас го прашав сведокот дали полицијата има соработка со холандската полиција за програмот за заштита на идентитет. Ако не ми кажал тој или неговите, од каде јас би знаел дека имаат соработка? Јас и во минатото го споменав ова, што го кажав сега. Тој (Радникот) ми даде понуда, ми рече оди во суд, таму има програма за менување на идентитет. Јас тоа не би знаел никогаш. Тоа беше во МВР понудено. Јас негирав дека пред него ме малтретирале. Мојата верзија е тоа што сум го кажал и останувам на тоа“, рече Азири по судењето.
Според обвинението, Азири е лицето кое со свое возило ги презел прво и второобвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, веднаш откако тие избегале со „опел омега“ по масакрот кај Смилковското езеро.