Новинари од два порталa отпуштени од работа за време на корона кризата, реагираат новинарските здруженија

Од:

Петмина новинари и еден фоторепортер останаа без работа од интернет порталите „Локално.мк“ и „Стандард.мк“, откако добиле договори за спогодбено прекинување на работниот однос, непосредно по прогласувањето на епидемијата од коронавирусот, сведочат вработени од двата портала.

Новинарите од овие редакции велат дека се изненадени од ваквиот потег на менаџерскиот тим, затоа што дел од нив пред една недела ги продолжиле договорите за работа за период од шест месеци.

Ним им било соопштено дека медиумот нема средства да им исплати плати и им понудил спогодба за престанок на работата.

„Јас и уште една колешка денеска со смс-пораки бевме повикани на состанок во медиумот, и не ни беше кажано за што станува збор. Бев во шок кога го добив договорот за спогодбено раскинување на договорот за работа. Од страна на менаџерскиот тим ми беше објаснето дека медиумот нема пари да ни исплати плати за време на кризната состојба, затоа што не можел да ги наплати фактурите по основ на реклами. На ист таков состанок вчера биле повикани уште тројца или четворица колеги и како што разбрав тие ги потпишале договорот. Јас не го потпишав, им кажав дека за моите права прво ќе се консултирам со адвокат и со здруженијата кои се задолжени за штитење на правата на новинарите и медиумските работници“, изјави за „А1он“ новинарката Ивана Рамаданова, доскорешна вработена во интерент порталот „Локално.мк“.

Според изјавите на новинарите, сопственикот на медиумот на работа ги задржал единствено вработените во дескот и еден уредник. За принудните откази, новинарите ги известиле ЗНМ и ССНМ.

Инаку, овие портали се дел од сопствеништвото на фирмата Нет Медиа Груп, чиј газда е Владимир Кошевалиски. Фирмата не работи ниту цела година, односно основана е во јули 2019.

„Се работи за двајца новинари и еден фоторепортер. Оваа е непопуларен потег, но, едноставно се водев според можностите на компанијата. Ситуацијата во државата е таква каква што е, економијата е во застој, се е затворено, нема реклами, нема приливи, немам наплатено ниту една фактура. Апсолутно се сложувам со нив и ми е жал што ги изгубиле работните места. Според мене не е поенатата да се замаат кредити, само да создаваме дупки и да вадиме пари од џеб. И да земеме кредити тие пари ќе треба да се вратат. Уште понеизвесно е што не знаеме до кога ќе трае оваа состојба и дали ќе остане само на два месеци, можеби ќе трае до септември, октомври. Но, сакам да нагласам дека им кажав да имаат разбирање и ако се излезе од кризата според најдоброто сценарио после мај месец, повторно ќе ги повикам на работа, ако не се ангажирани во друг медиум“, изјави Кошевалиски за „А1он“.

ССНМ и ЗНМ: Најмалку што може да стори медиумот е да им даде на новинарите минимална плата

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) велат дека остро ја осудуваат одлуката на работодавецот Нет Медиа Груп ДООЕЛ, сопственик на интернет порталите „Локално“ и „Стандард“ да отпушти најмалку петмина новинари и го повикаа работадавецот уште еднаш да ја преиспита одлуката за нивното отпуштање.

„ССНМ и ЗНМ апелираат работодавецот да ја преиспита оваа одлука која на прв поглед е избрзана, бидејќи според мерките на владата најмалку што може да понуди е минималната загарантирана плата. Истовремено, сметаме дека праксата сопствениците да бараат од новинарите и медиумските работници кои имаат важечки договор да потпишуваат спогодбено раскинување на работниот однос e недозволива и неприфатлива. Тоа им носи директна штета на работниците и им укажуваме дека таквите понуди веднаш треба да ги одбиваат“, велат од ССНМ.

Оттаму додаваат дека ваквата постапка особено зачудува поради фактот што Владата најави сет  мерки за медиумите кои меѓудругото се условени и со неотпуштање на новинари и медиумски работници додека траат вонредните мерки.

„Отказите доаѓаат без претходна најава или известување за финансиската ситуација во која се наоѓаат газдите, со што се остава впечаток дека сопственикот воопшто не очекува и ниту се надева на идни мерки од владата за ублажување на импактот на кризата во финансиското работење и планирање. Овој пример лошо влијае врз генералната слика и укажува на тоа дека дека први на удар во однос на економската криза се медиумите и новинарите. ССНМ и ЗНМ стравуваат дека овој случај може да предизвика „домино ефект“ и негативно да охрабри и други медиуми да се одлучат на ваков чекор“ велат од ССНМ.

 

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Извештај за безбедноста на новинарите: Продолжуваат заканите, притисоците и ограничувањата врз медиумските работници

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

Истражување: Над половина медиумски работници имаат потпросечни плати, во онлајн-медиумите секој трет е пријавен со полно работно време

ВМРО ДПМНЕ ќе предложи амандман за ослободување од социјално и здравствено осигурување на медиумските работници

Катерина Ѓуровски