Македонската филхармонија ќе се всели во новиот објект во 2014 година, кога ќе го одбележи и 70-годишниот јубилеј од основањето. Музичарите од Филхармонијата заедно со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, денеска ја посетија концертната сала во изградба, која ќе биде модерен објект со светски архитектонски и акустични стандарди.
– Во изминатиот период се водеше грижа за акустичниот дел на објектот, кој е многу важен за функционалноста и поврзаноста на двете сали со просториите за вежбање. До милиметар се внимава на сите параметри за акустиката. Квалитетот е многу битен зашто е голема концертна сала со две сали – голема со околу 1.100 седишта и мала за камерни оркестри со околу 400 седишта. Објектот е доста сложен, се трудиме максимално сето ова да биде завршено во 2014 година, кога Македонската филхармонија има многу значаен јубилеј кој ќе го одбележиме со овој значаен и долго очекуван капитален објект, изјави министерката Канческа-Милевска.
Музичарите на Филхармонијата се задоволни што ќе добијат сопствен простор и што ќе ги напуштат просториите во Домот на АРМ.
– Со ова се решава едно горливо прашање за оваа институција. За две недели прославуваме 68 години од основањето на оваа единствена и најзначајна музичка институција во нашата држава, која низ годините остана без сопствен дом. Приморани сме да работиме во салата на Домот на АРМ, судирајќи се со сите тешкотии, во зима е со провев, покривот прокиснува, во лето е премногу топло. Но, сега надминуваме се полесно знаејќи дека многу скоро ќе си дојдеме дома. Ова за нас веќе е дома, изјави директорката на Филхармонијата Маја Чанаќевиќ.
Идниот дом на најстарата национална музичка институција и на единствениот симфониски оркестар во Македонија се гради на просторот меѓу Македонската опера и балет и Факултетот за музичка уметност. Темелите беа поставени на 25 март 2009, изведувач е австриската компанија „Алпине Бау“. Покрај двете сали, објектот ќе има и одделни вежбалници за изведувачи на разни видови инструменти, како и подземно паркиралиште. Идејното решение е на архитектот Виктор Михајлов, а за внатрешноста и технолошкото моделирање учествува Јорг Кумел, меѓу најпознатите акустичари во светот.