Министерството за животна средина и просторно планирање изготви нов закон за заштита од индустриски емисии во кој целосно е инкорпорирана ЕУ директивата за индустриски емисии, а се воведуваат и построги критериуми за компаниите.
Советникот во Министерството за животна средина Беса Татеши денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија информираше дека во одредени индустрии правилата ќе бидат построги.
– Во некои индустриски сектори ќе има големи промени во однос на тоа колку строги ќе бидат максимално дозволените количини на емисии. На пример во енергетскиот сектор ќе имаме построги максимално дозволени количини на емисии, истакна Татеши.
Надлежните не очекуваат дека трошоците за индустриските капацитети и за државата при имплементацијата на новиот закон ќе бидат големи бидејќи, како што велат, во постојниот закон веќе е транспонирана претходницата на оваа ЕУ директива.
– Ќе треба да се направат одредени инвестиции со цел да се почитуваат построгите правила коишто ги наложува оваа директива. Инвестициите ќе бидат за технички документи и за извештајот којшто мора да го прават индустриските капацитети, а од страна на администрацијата, трошоците ќе се сведат само на ажурирање на дозволите коишто треба да бидат во согласност со директивата, појасни постојаниот твиниг советник при Австриската агенција за екологија Клеменс Конрад.
Нацрт-законот ќе биде презентиран на 14 овој месец во просториите на Стопанската комора на Македонија каде сите заинтересирани страни ќе може да се информираат за новините што ги носи ова законско решение. Се очекува новиот закон да стапи во сила 2018 година.
Досега според постојниот закон се издадени вкупно 320 интегрирани еколошки дозволи од кои 120 се А дозволи за големите компании и 200 Б дозволи за помалите компании. Во процедура се уште 22 – 23 апликации.
А интегрираните дозволи ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање, а Б дозволите ги издаваат општините.