Симплифицираните скулптури од Скопје 2014, кои наликуваат на кукли, како и нивниот гигантизам, јасно ја покажуваат неупатеноста и оддалеченоста на авторите на овој проект од западните вредности, во кои, парадоксално, се колнат, пишува политичкиот интернет магазин New Statesment.
Во анализата под наслов „Обрнете внимание на Македонија – балканскиот систем на рано предупредување“ објавена вчера, се вели дека проектот, за кој се смета дека се потрошени пет милиони евра, блиско се идентификува со премиерот Никола Груевски и со неговата ВМРО-ДПМНЕ.
– Новото Скопје изгледа назадно, во манир овде наречен антиквизација, во стил кој резолутно ја поддржува античката западна класика, која оваа влада ја смета за своја традиција. Ваквите тврдења дополнително ги компликуваат тешките односи со Грција, со Бугарија, а донекаде и со македонската албанска заедница, пишува магазинот.
Во анализата се опишуваат спомениците и зградите од Скопје 2014, со констатација дека целиот проект „не е толку плод на мегаломанија, колку што е на колективно лудило“. Притоа се додава дека наративите на Балканот се особено опасни и дека ситуацијата во Македонија треба будно да се следи, зашто случувањата тука се индикативни и можат да се сметаат за „систем за рано предупредување“.