Невладините се сомневаат во ефикасноста на Комисијата за заштита од дискриминација

Од:

Мрежата за заштита од дискриминација презентираше низа недостатоци на Годишниот извештај за 2012 година на Комисијата за заштита од дискриминација.

Општа забелешка на Мрежата е дека Извештајот од комисијата за заштита од дискриминација нема едукативен карактер и не ги утврдува трендовите на дискриминација.

Од Мрежата за заштита од дискриминација посочуваат дека Извештајот не ги утврдува причините зошто по определена основа за дискриминација има зголемен број на поднесени претставки, ниту пак посочува мерки за надминување на одредени состојби на општествена и системска дискриминација.

Душко Миновски, претседател на Комисијата за заштита од дискриминација за А1он изјави дека од 135 претставки во 2011/2012 година, констатирана е дискриминација во 12 случаи.

Во 11 претставки дискриминаторите постапиле по препораките на Комисијата, а лицата кои ги поднеле претставиките биле задоволни од стореното, и не барале евентуално остварување на претрпената штета од материјален или не материјален аспект.

„Во една претставка во која е донесено мислење дека има дискриминација, дискриминираниот постапил делумно, но основното прекршување не го реализирал по нашата препорака (враќање на првобитното работно место на вработениот). Поради ова е иницирана тужба пред надлежниот Основен суд во Штип и се очекува прва пресуда за сторена дискриминација“, објаснува Миновски.

Како што веќе пишуваше А1он, во Македонија се уште нема ефикасни механизми за борба против сите видови на дискриминација, а експертите ги коментираа забелешките на Стејт департментот на САД дека ЛГТБ популацијата во Македонија не е заштитена.

Нада Наумовска, претставник од Мрежата за заштита од дискриминација за А1он објаснува дека за да се предложат мерки со кои ќе се надминат состојбите на општествена и системска дискриминација треба најпрво да се утврдат состојбите кои се најпроблематични. Тоа не е направено во Извештајот на Комисијата, посочува таа.

Во соопштението од Мрежата за заштита од дискриминација стои дека Комисијата сеуште нема одлучено во однос на трите претставки во кои преку дискриминаторски изјави, намерно и свесно се навредува достоинството на ЛГБТ лицата.

Наумовска објаснува дека недоследноста помеѓу препораките и праксата на Комисијата, тие ја гледаат во непостапувањето по трите предмети со кои се бара да се утврди вознемирување како форма на дискриминација врз ЛГБТ лицата, а во исто време, како што вели таа, во Извештајот се дава оценка дека маргинализирание заедници, меѓу кои и ЛГБТ лицата, се предмет на свесно сторена дискриминација.

Душко Миновски, објаснува дека согласно со Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата има обврска во рок од 15 дена да го извести потенцијалниот дискриминатор за претставката иницирана против него, а истиот е должен да одговори во посочениот рок. Доколку не одговори се праќа ургенција, а Миновски објаснува дека има појави кога од најразлични причини тие не добиваат одговори во законски предвидениот рок, или пак истите се по телефон или на други начини.

Миновски објасни зошто Комисијата сеуште нема донесено одлука во однос на трите претставки во кои преку дискриминаторски изјави, намерно и свесно се навредува достоинството на ЛГБТ лицата.

„Комисијата е должна во рок до 3 месеци по собирање на фактите и доказите да донесе мислење. Во конкретните случаи имаме одолговлекување од страна на тужените за дискриминација, а за нас е недоволно тоа што ги опоменуваме дека доколку не ни достават одговор во разумен рок, ќе сметаме дека наводите во претставката се веродостојни. Од тие причини, а и поради најважниот момент, реален увид и перцепција за она што вистински се случувало, доаѓа до пробивање на роковите“, изјави тој.

Нада Наумовска, вели дека за очекување е Комисијата да започне со утврдување на состојбите и проблематичните точки во сферата на работните односи, бидејќи доминираат претставките од овој вид. Таа смета дека:

„Комисијата би требало да ја информира јавноста за типските прекршувања на правото на еднаквост во работните односи со што би делувала превентивно кон идните дискриминаторски практики. За нас како мрежа на организации би било исто така за очекување Комисјата да го стави здравството во фокус на својата работа. Само ние како мрежа инициравме 4 претставки против здравстени институции поради нееднаков тртман на лице од ромската етничка заедница, на зависници од опијати и на ХИВ позитивно лице“.

Како главен недостаток на Извештајот, во соопштението од Мрежата е неможноста да се утврди ефикасноста на Комисијата. Наумовска вели дека досегашното искуство на Мрежата за заштита од дискриминација покажува дека комисијата не го запазува рокот од 90 дена за кои треба да се утврди дали во определен случај постои или не постои дискриминација.

„Во моментов мрежата има 13 активни претставки пред Комисијата и за сите претставки е изминат рокот за утврдување постоење или непостоење дискриминација“, заклучува таа.

Темјана Поповска

Би можело да ве интересира

„Министерката ми се закани дека ќе ме избрка“: Советничка во МОН била вознемирувана од Шаќири и Царовска

Орце Костов

Се вселила во стан во Скопје, соседите ја избркале по еден ден оти била Ромка

Орце Костов

Ѓорѓи Трендафилов: Македонија е дискриминаторска земја не само во однос на етничкото потекло

Орце Костов

Комисијата за заштита и спречување дискриминација можно уште денеска да ја разгледа наводната согласност на Владата кон „Бехтел и Енка“ за поголема работна недела

Ана Ололовска

Комисијата за заштита од дискриминација со препорака за Акциски план за унапредување на правата на осуденичките

Ана Ололовска

Татко спречен да го придружува своето дете: Детска клиника дискриминира, вујна и баба можат оти се женски пол

Орце Костов