Невладини организации: Нема разговор со оние кои бараат укинување на граѓанските организации и куршуми за граѓаните

Од:

Донесовме одлука да не учествуваме на консултациите со ЕУ амбасадорот Аиво Орав и со амбасадорите на државите членки на ЕУ во Македонија, на кои се поканети и претставници на таканареченото движење ГДОМ кои отворено шират омраза и поттикнуваат насилство, стои во соопштението на невладините организации.

– Нагласуваме дека целосно ги поддржуваме напорите на Европската Унија и на државите-членки за канализирање на сите демократски и граѓански капацитети во правец на излез од актуелната политичка криза. Но, истовремено алармираме дека демократизирањето на нашето општество не е можно преку разговори, преговори и консултации со оние кои јавно бараат укинување на граѓанските организации, гумени куршуми за граѓаните кои протестираат и бетонски плочи за неистомислениците или различните, пишуваат невладините организации во соопштението.

Невладините предупредуваат дека вклучувањето и укажувањето на ваквите деструктивни структури во разговори, консултации и преговори може дополнително да ја влошат ситуацијата во државата, особено ако се има предвид дека тие се директен производ и манифестација на желбите и директивите на раководството на владејачката партија, а не репрезент на граѓаните или граѓански групи. За жал, велат невладините, ГДОМ и сличните структури се превез зад кој се кријат принудите и уцените врз граѓаните да излегуваат на контра протести.

– Имајќи предвид дека во процесот на решавање на кризата неопходно е да се вклучат независни претставници на граѓанското општество, нагласуваме дека тие претставници задолжително треба да имаат минимум демократски капацитет и да ги почитуваат темелните уставни вредности на Република Македонија. Притоа, граѓанското општество го разбираме како збир од индивидуи, групи, организации, заедници и движења кои имаат јасно артикулирани политички ставови, кои не се монолитни, но кои имаат искрена намера да го подобруваат и демократизираат општеството и да ги застапуваат интересите на граѓаните. Повиците за укинување невладини организации, линчот на неистомислениците, сеењето омраза и поттикнувањето насилство не е и не може да биде ниту интерес на граѓаните, ниту поттурнување на процесот во демократска насока, ниту чекор кон излез од кризата, велат од невладините.

Нашите организации и движења стојат на располагање со сите свои капацитети и се подготвени да се вклучат во решавањето на кризата, било преку анализи и предлози за политики или пак преку воспоставување директна врска со граѓаните и застапување за нивните права, потреби и барања, пишува во соопштението.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Во Србија нема да има Шарена револуција

Шарените револуционери Савески и Куновски одново на обвинителна клупа

Васко Маглешов

По 3 години ќе се чисти бојата од шарената револуција на Јавното обвинителство

ВИДЕО: Најчевска казнета со 200 евра за фрлање боја

Сандра Бошковска

(ВИДЕО) Богоевски: Не давам оставка, јас сум легитимен претставник на Шарената револуција

Наум Локоски

Повторно одложено судењето за Мариглен Демири, следното рочиште закажано догодина

Наум Локоски