Царински службеници на граничниот премин Табановце спречија обид за нелегален внес на девизни средства во државата, при што беа запленети 64.250 евра пронајдени при контрола на патничко возило со германски регистарски таблички.
Според информациите од Царинската управа, автомобилот го управувал грчки државјанин кој при влезот во државата пријавил дека носи 60.000 евра и приложил соодветен образец издаден при влез во Република Србија. Поради сомневање во точноста на неговата изјава, царинските службеници, во соработка со полициски службеник на Фронтекс, извршиле детален преглед на возилото и багажот. При контролата биле откриени вкупно 124.250 евра.
Во согласност со Законот за девизно работење, на патникот му биле вратени пријавените 60.000 евра, додека непријавените 64.250 евра биле одземени. Против лицето е поведена прекршочна постапка пред надлежниот суд.
Од Царинската управа информираат дека од почетокот на годинава се евидентирани вкупно 30 случаи на нелегален пренос на девизни средства. Во тие случаи се запленети 820.675 евра, 141.300 британски фунти и 35.000 австралиски долари, што укажува на засилените контроли и мерки за спречување на финансиски прекршоци на граничните премини.
