Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против српски државјанин осомничен за криумчарење на 5.000 штеки цигари, откриени при контрола на камион на граничниот премин „Богородица“.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот, кој е сопственик на српска транспортна фирма, на влез во земјава се обидел да внесе непријавена стока, сокриена во приколката на камионот.
Станува збор за цигари од брендовите „Marlboro“, „Davidoff“ и „Winston“, спакувани во 100 картонски кутии без ознаки. Нивната вкупна вредност е проценета на околу девет милиони денари.
– За да ја прикрие пратката, осомничениот пријавил дека во камионот превезува пропиленски гранулати. Меѓутоа, при царинската контрола, службениците во предниот и средишниот дел од приколката ги откриле непријавените цигари, по што стоката веднаш била одземена. Обвинителството го сомничи за кривично дело „Криумчарење“, а јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор. Како причина за барањето е наведена опасноста од бегство, имајќи ги предвид околностите на случајот, велат од ОЈО.
