Во Скопје денеска и утре ќе се одржи научна конференција насловена „Истражување на развојот на социјалните претпријатија на Балканот”.
Настанот е во организација на „Реактор-истражување во акција“ во партнерство со „Паблик“ и „Конект“ од Македонија и со „Партнерс Албанија“ од Албанија и Центарот за мир и толеранција од Косово, кои заеднички го спроведоа истражувањето „Предизвиците и можностите на социјалните претпријатија за вработување маргинализирани лица“ поддржано од Регионалната програма за промоција на истражувањата во Западен Балкан.
На конференцијата ќе бидат презентирани најновите истражувања кои се однесуваат на развојот на социјалното претприемништво во регионот, но и ќе бидат поставени и основите на Балканската мрежа на истражувачи во областа на социјалните претпријатија.
Поттикнување регионална дебата, придонес кон регионалните истражувања и процесите на креирање политики во областа на социјалното претприемништво и социјалната економија се дел од целите на новоформираната Балканска истражувачка мрежа за социјални претпријатија, во која учествуваат истражувачи од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и од Словенија.
Проектот е поддржан од Регионалната програма за промоција на истражувањето во Западен Балкан, координирана од Универзитетот во Фрајбург, Швајцарија и целосно финансиран од Швајцарската Агенција за развој и соработка.