Западниот дел од Македонија синоќа беше зафатен од пороен дожд и грмежи. Најмногу дожд, 25 литри на метар квадратен, наврна во Тетово и Пожаране.
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи во Маврово наврнаа 23 литри, во Скопје 13 литри, во Охрид 10 литри и Крушево шест литри на метар квадратен.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека нема пријавено оштетувања од невремето во Скопје. За тетовскиот регион информираат дека има поплавено обработливи и необработливи површини, што е резултат не само на дождот, туку и на наглото топење на снегот на планините. Поплава на станбени објекти нема.
Нестабилно време со пороен дожд и грмежи метеоролозите најавуваат и за денеска во попладневните часови.
Температурата ќе се движи од 18 до 26 степени.